Пере од Нокаут: „Тешко е што денес го испраќаме Панчо, со Андреј оставија нешто што времето нема сила да го избрише“
- Детали
- четврток, 16 октомври 2025
„Кочани нека не се повтори никогаш повеќе. Цела земја, сите што ве сакаа, нема да ве заборават. Нека Панчо почива во мир, заедно со сите оние млади животи што згаснаа во таа кобна ноќ...“, емотивно вели Никола Перевски Пере од Нокаут.

Телото на Владимир Блажев - Панчо од ДНК денес ќе биде изложено во црквата Св. Илија во Аеродром, каде што сите роднини и пријатели, ќе можат за последен пат да се збогуваат со него.
Погребот, пак, ќе биде на гробиштата во Бутел, во 13:30 часот.

По повод оваа болна загуба што ја доживеа македонската сцена и Македонија воопшто се огласи и Никола Перевски Пере од Нокаут.
Неговата објава гласи:
„Тешко е да се прифати дека денес го испраќаме Панчо.
Со Андреј оставија нешто што времето нема сила да го избрише, песна што не престанува, оган што не згаснува и спомени што ќе живеат и ќе бидат засекогаш присутни.
ДНК беше и ќе остане дел од сите нас што ја живееме и ја боли оваа македонска сцена.
Ние што сме уште тука, должни сме да продолжиме, со истата страст, со истата почит.
Кочани нека не се повтори никогаш повеќе.
Цела земја, сите што ве сакаа, нема да ве заборават.
Нека Панчо почива во мир, заедно со сите оние млади животи што згаснаа во таа кобна ноќ.
Вечна слава и длабока почит за сите нив.
Со љубов, светлина, благодарност и сеќавање.
Никола Перевски – Група Нокаут.
С. С. | Црнобело
