И за Св. Архангел Михаил се прави пченица – што треба да ставите на славската трпеза?
- Детали
- четврток, 20 ноември 2025
Многумина погрешно веруваат дека пченица не се прави за празнување на Св. Архангел Михаил. Пченица се прави за секоја слава. На трпезата треба да има и славски колач, како и свеќа која симболизира божја светлина. Гостите не треба да се прејадуваат и опијанат.

Во православната вера, славите се молитвено прославување на еден светител, кој се води како заштитник на семејството и на домот.
На овие празници, домаќините на трпеза ги собираат своите најблиски, а по тој повод, кога следат големи празници како Св. Архангел Михаил, но и сите следни слави, да се потсетиме на некои најважни работи.
Меѓу народот постојат дилеми дали за празнувањето на Св. Архангел Михаил се прави пченица.

Дилемата потекнува од тоа што пченицата е принос за покој на душата на светителот, а архангелите Михаил и Гаврил се бесмртни ангели, па според тоа за нив не треба да се дава жито.
Сепак, тоа е погрешно верување, бидејќи пченицата e симбол за вечен живот и воскресение.
Житото не се прави за душата на светителот, туку се принесува во слава Божја и во чест на светиот, како и за нашите упокоени блиски, преку што и тие на некој начин би биле учесници на нашата слава.
Доколку првпат правите слава, погледнете што е потребно да направите и да поставите на трпезата:
Варена пченица
Пченицата го симболизира вечниот живот и воскреснувањето (зрното умира, гние и воскреснува – расте во ново).
Се сервира во длабок сад (може да се декорира со крст од ореви), се става на послужавник, заедно со друг сад или чаша во која ќе стојат чисти лажици и една чаша со вода каде што ќе се ставаат употребените лажици.
Гостинот веднаш се послужува со пченица.

Славски колач или леб
Домаќините треба да го подготват сами во очи на празникот, а колачот одозгора убаво е да има крст и дополнително други фигури по желба, направени од тврдо тесто.
Колачот се поставува пресечен на трпеза, а секој треба прво да се послужи од него, а потоа од останатата храна.
Рецепт за посна, славска погача за почетници + како се прават белите декорации одозгоре?

Црвено вино
Црвеното вино ја симболизира христовата крв и на трпезата треба секој да се напие. Света Причест: „И откако ја зеде чашата, ја благослови и рече: „Пијте од неа сите…“

Свеќа и икона од светецот што се празнува
Свеќата ја симболизира божјата светлина, а иконата од светецот кој е заштитник на домот треба да биде присутна за заедничко величење на светецот.

Друга храна по избор без претерување
На трпезата домаќините одлучуваат што друго ќе послужат, може да има сарма, месо (ако е мрсна слава) или риба (ако е посна), гравче, пита, салата, макала и други мезиња.

Важно е да не се претерува и од славата да не се прави помпа, бидејќи ова е пред сè духовен настан, а прејадувањето, претерувањето со алкохол и прекумерното расфрлање, се сметаат за гревови.
М. М. | Црнобело
