Петар од Струмица ја запроси саканата Дијана во Рим: „Мислев ќе ме слика пред Колосеумот, а тој клекна на колено“
- Детали
- петок, 05 декември 2025
„Патувањето беше резервирано уште во јули, а Петар уште тогаш почнал да размислува за запросување. На социјалните мрежи нашол фотограф од Рим и уште во август остварил контакт со него. Сè се договарало тајно, внимателно и совршено“, вели Дијана за романтичниот момент во Италија.

Дијана Шајкарова (27) од Струмица е дипломиран економист и работи во банка, а нејзиниот свршеник Петар Калинов (27) работи за странска компанија за транспорт.
На нивното неодамнешно патување во Рим, Петар клекна на колено пред Колосеумот и ја побара Дијана за сопруга, а таа му кажа „ДА“.

За романтичниот момент кој не го очекувала, како и за нивната љубов, таа раскажа за CRNOBELO.com:
„Со Петар се знаеме повеќе од пет години, а во врска сме година и неколку месеци.
Но, уште од самиот почеток имаше посебна енергија и искра меѓу нас. Некако природно се влечевме еден кон друг.

Воопшто не очекував дека ќе ме запроси сега. Иако сме разговарале за иднината и за брак, не ни замислував дека ќе се случи токму на ова патување и токму тој ден.
Денот ни беше резервиран за разгледување на Колосеумот и Римскиот форум, долга, преубава и романтична прошетка низ историјата на Рим.
Потоа отидовме во едно мало паркче во близина на Колосеумот за да се фотографираме.

На една од клупите во паркчето видов преубав букет од рози и се пошегував дека би сакала да биде мој, а тој само се насмевна.
Во тој момент Петар застана пред мене и јас мислев дека ќе ме слика, но тој клекнал на колена... ја кренав главата и кога го видов, знаев што следува.
Тој ми рече: ‘Дијана, те сакам и ќе те сакам цел живот. Сакаш ли да се омажиш за мене?’
Во истиот момент ме преплавија емоции - плачев, се смеев, треперев… И без двоумење, со полно срце кажав ДА. Тоа беше најискрениот и најубав момент во мојот живот.

Јас ништо не дознав однапред.
Патувањето за Рим беше резервирано уште во јули, а Петар уште тогаш почнал да размислува за запросување.
На социјалните мрежи нашол фотограф од Рим и уште во август остварил контакт со него. Сè се договарало тајно, внимателно и совршено.

Прстенот е совршен, баш онаков каков што би посакала.
Петар и неговиот близок другар, кој има дуќан за накит, го бирале долго и внимателно, а прстенот бил нарачан од Белгија.
Петар го криел целото време додека бевме во Рим, а јас немав апсолутно никаков сомнеж.

За запросувањето знаеле само двајца: фотографот и неговиот другар. Никој друг не бил запознаен со намерата на Петар.
Подоцна ми призна дека имал голема трема и дека се плашел да не приметам нешто пред време.
И покрај тоа, во моментот изгледаше сигурен и смирен.
Откако ме запроси, најпрво им се јавивме на најблиските. Реакциите беа многу емотивни, со радост, солзи и смеа. Сите беа пресреќни за нас“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело