Бетика од Ресен: „Бев хиперактивно дете, но по сообраќајна незгода животот ме врза за кревет, паднав во депресија“
- Детали
- среда, 24 декември 2025
„Од едно хиперактивно дете, животот ме врза за кревет. Неподвижна. Во тој период не знаев како да се изборам со депресијата. Најлесниот начин ми беше да си ги „јадам“ емоциите, односно се фрлив на нездрава храна, само за миг да почувствувам некаква среќа, еден краток допамин“, ја започнува својата емотивна исповед Бети Котовчевска (30) од Ресен.

Бети Котовчевска (30) од Ресен, позната како ледената Македонка Бетика, на својот Инстаграм профил сподели исповед за траумите од сообраќајната незгода, која ја оставила врзана за кревет во многу чувствителен период, кога била навистина млада, односно имала само 18 години.

Таа откри како во тој тежок период единствена утеха ѝ била храната, па качила многу килограми.

За целата ситуација, но и борбата да ја доведе својата линија во ред, Бетика се отвори на Инстаграм Стори.

Нејзината исповед:
„Од едно хиперактивно дете, животот ме врза за кревет. Неподвижна.
Во тој период не знаев како да се изборам со депресијата. Најлесниот начин ми беше да си ги „јадам“ емоциите, односно се фрлив на нездрава храна, само за миг да почувствувам некаква среќа, еден краток допамин.
Во таа темна дупка, како светлина се појави жена што ми го спаси телото, а богами и духот.

Се пријавив на нејзините онлајн програми кога немав ниту сила, ниту мотивација.
Ми требаше нешто што јас самата не можев да си го дадам. Таа армија жени ме поддржа на максимум.
Без осуда. Со присуство. Немав изговор да не зготвам, да не се појавам за себе.

Слабеењето одеше бавно и нежно. Имаше денови кога се мразев.
Моето тело ја носеше тежината во крушковидна форма, најмногу во абдоменот и тоа ме болеше, и физички и психички.
Но моментот кога застанав, ја прегрнав целата таа дебелина со љубов и сфатив дека сè е променливо, тогаш почна вистинската промена.

Научив како свесно да ја консумирам храната во депресивните моменти, наместо да се казнувам со неа.
И до денес ја одржувам килажата што мене ми одговара“.


