Maкедонец, колекционер, бара помош: „Уште 15 банкноти за да ги соберам сите од цел свет“
- Детали
- среда, 28 јануари 2026
„Доколку патувате во некоја од државите на листата или познавате некој што би патувал, ќе ве замолам доколку сте во можност да ми обезбедите некоја од банкнотите што ми недостигаат“, вели Спасе Манев од Скопје, кој од 2020-та собира важечки банкноти од државите низ светот.

Спасе Манев од Скопје е лиценциран туристички водич, кој во слободното време е колекционер на сè уште важечки банкноти од светот, полускапоцени камчиња, магнети за фрижидер, карти за играње итн.
Тој во интервју во 2023-та година за CRNOBELO.com зборуваше повеќе за својата колекција на сè уште важечки банкноти, а сега на социјалните мрежи испрати апел дека му останале само уште 15 банкноти за да ја комплетира колекцијата и јавно побара помош.

Неговата објава гласи:
„Мојата колекција со сè уште важечки банкноти од државите низ светот се ближи до крајот.
Потребни ми се уште 15 банкноти од државите во Азија, Африка и Јужна Америка, кои ми недостасуваат во колекцијата.
Доколку патувате во некоја од државите на листата или познавате некој што би патувал, ќе ве замолам доколку сте во можност, да ми обезбедите некоја од банкнотите што ми фалат.

Вредноста не е битна, може да биде и со најмала вредност, но да биде сè уште важечка во државата и да биде во добросочувана состојба.
Со ова интересно хоби и колекционирање се занимавам од јануари 2020, а првите банкноти кои ги собрав ми беа хрватската куна (веќе не се користи), романските леи и унгарските форинти.

Имам сменето неколку албуми за банкноти и сите беа нарачани од странство (бидејќи тука ги нема).
Со собирање на сите банкноти од државите во светот, планирам да ја пријавам колекцијата на неколку места, како: World Record Academy, RecordSetter, Official World Record и некои нумизматички организации како за престиж.
