Емотивна објава по смртта на Рамуш Мухарем: „Беше познат по Циркотека, но беше и ТикТок пред ТикТок и рилс пред рилсовите“
- Детали
- вторник, 05 мај 2026
„Животно дело ќе му е ентузијазмот со кој работеше, а кога го немаше на ТВ го имаше на интернет со видеа и сѐ тоа на ромски. Насмеа многу луѓе, прошири многу радост кога таа е во дефицит“, вели Божидар Божиновски во една од најемотивните објави по смртта на активистот, новинар и публицист Рамуш Мухарем.

Вчера (04.05) почина Рамуш Мухарем Цирко, урбан лик со кој сме растеле, човек со одлична смисла за хумор, кој знаеше како да прошири позитива.
Многу луѓе на социјалните мрежи изразија сочувство до семејството, но Божидар Божиновски му посвети навистина емотивна објава.
Тој сподели како Цирко бил пред своето време и како знаел да пристапи на уникатен и креативен начин.
Инаку, Цирко беше најпознат по култната емисија „Циркотека“, која се емитуваше на телевизија „БТР“ и стекна огромна популарност кај публиката.
Шоуто остана запаметено по автентичниот хумор и урнебесните моменти кои и денес се споделуваат на социјалните мрежи.
Активистот, новинар, публицист и човек со 1.000 таленти Рамуш Мухарем подолго време се бореше со болест.
Емотивната објава на Божидар Божиновски:
„Почина Рамуш Мухарем - Цирко, најпознат по Циркотека, но сепак животно дело ќе му е ентузијазмот со кој работеше, кога го немаше на ТВ го имаше на интернет со видеа, ТикТок пред ТикТок, рилс пред рилсовите и сѐ тоа на ромски.
Насмеа многу луѓе, прошири многу радост кога таа е во дефицит.
Кога ќе заминам - Рамуш Мухарем
Кога ќе заминам не викај никого,
блиските и пријателите ќе дојдат самите да тагуваат, а непријателите ќе ликуваат.
Кога ќе заминам, наместо солзи и тага
запали ми една цигара.
Кога ќе заминам, остави ми само
еден прозорец полуотворен
да можам по некој пат во ноќта да дојдам додека спиеш, да те бакнам во чело
и да те покријам и да те чувам додека ти сонуваш.
Кога ќе заминам, ти добро знаеш дека од тебе нема далеку да заминам.
Само до првиот облак, до првата ѕвезда...
Онаа ѕвезда која се гледа од твојата соба.
Подалеку од нејзе нема да бидам.
Кога ќе заминам не ме спомнувај никому
молчи и не им покажувај на злобниците
дека ти недостигам, не им ја храни
гнилата душа.
Ако те прашат за мене, ти само најсмеј се, затоа што ќе заминат веднаш на некои други да им додеваат.
Кога ќе заминам, емотивке моја немој да ми тагуваш.
Радувај се и на утрото, денот и ноќта,
исто како да сум сè уште тука.
Кога ќе заминам не се присетувај на нешто
што сум ти рекол во лутина.
Сето тоа е лага, и толку неважно
тоа беа само зборови моментално на еден лут и повреден човек.
Кога ќе заминам ќе го разбереш она најважното... Дека многу те сакав, се плашев, се грижев и сонував.... и за тебе дишев!
Кога ќе заминам и самата знаеш дека нема да бидам далеку од тебе.
Само до тој прв облак и до таа прва ѕвезда.
Ѕвезда која ќе те следи и ќе те чува.
Вечна му слава и сочувство до семејството“.
С. С. | Црнобело