Како изгледале познатите Македонци на матура: Стефан Лазаров немал партнерка, Мики Црнокрак со бели ракавици
- Детали
- петок, 15 мај 2026
„Беше борба дали да носам кошула, чевли... Облеков кошула, ги засукав ракавите и дома одма се побунија „Немооој“. Е чим е „немој“ за да не ја истуткам, си облеков маичка, патики, и си поминав за мерак. Ни нозе ме болеа од чевлите, ниту се думав кошулата дали е истуткана“, вели Виктор Апостоловски за својата матурска прослава.

Матурската прослава за многумина е еден од најголемите и најзначајни денови во тинејџерските години. „Школото“ останува зад вас, отворате нова врата зад која се крие нешто ново, големо, повозбудливо од сè што сте искусиле порано.
А и матурската прославата не е обична забава.
Некои девојки токму тогаш првпат облекуваат високи штикли или свечен фустан, други, пак, токму за оваа вечер првпат одат на професионална шминка или фризура.
Работите не се поразлични ни кај момците. Некои од нов првпат носат костум, а наместо патики - класични чевли.
Па се договараа партнери за матура, се правеа планови каде ќе се оди по матурската забава.
Матурата секогаш носи убави спомени, а дел од познатите Македонци со нас споделија свои сеќавања и фотки од својата матурска прослава.
За CRNOBELO.com, неколкумина од нив ни раскажаа како си поминале на својата матура:
Стефан Лазаров
Учев во средното фискултурно и цела вечер бев со другарите.
Немав партнерка и реално, немам некој посебен момент да издвојаам.
Ресторан, диско и дома.
Немав нешто многу забавен живот кога бев во тие години (ха, ха).


Сара Климоска
Завршив средно во гимназијата „Климент Охридски“ во Охрид.
На фотографијата е една од моите тогашни најдобри другарки Александра - Аки.
Фустанот ми беше апсолутен промашај, нешто што воопшто не личеше на мојот стил тогаш, ама нели матура е, мора да си ептен дотеран.
Фустанот патуваше дури од Америка и ми го прати една моја братучетка бидејќи моите никогаш не би дале пари за фустан од Америка. Тогаш немаше ТЕМU.

Владимир Четкар
Тоа беа други времиња, без дистракции од мобилни телефони, фокусирани максимално го живеевме моментот и другарство беше попотентно.
Сите бевме полни со ентузијазам, животот беше пред нас...
Јас бев превозбуден, за неколку месеци по матурата заминував во Бостон да ги започнам студиите на Berklee College of Music, една од најголемите авантури и предизвици во мојот живот, но и во животот на моето семејство.
По толку години среќен сум и горд што останав доследен на мојот животен сон кој до ден денес го живеам со полна пареа.

Маја Гроздановска Панчева
Средношколските години ми беа најубавите, зашто и друштвото што го имав, класот на насоката Музичка теорија и педагогија, бевме прекрасни сите.
На насоката Инструменталисти од таа генерација имаше многу што потоа станаа популарни на музичко поле - Искра Трпева, Верица Пандиловска, покојна Кавкалевска Ирена, Билјана Беличанец, Дарко Мијалковски.
Бевме одлична екипа, многу анегдоти имам од тоа време.
А матурата ја памтам по тоа што Дарко, кој беше експерт да направи некоја интересна песна, за матурата што ја славевме во Хард Рок, направи песна за сите професори и на шеговит начин ги претстави сите нив, но и сите ученици кои учеа во двата класа и за секого имаше по една строфа.

Виктор Апостоловски
За матурската прослава си поминав многу евентуално, да бидам искрен.
Беше борба дали да носам кошула, чевли... Облеков кошула, ги засукав ракавите и дома одма се побунија „Немооој“. И чим е „немој“ за да не ја истуткам, си облеков маичка, патики, и си поминав за мерак.
Ни нозе ме болеа од чевлите, ниту се думав кошулата дали е истуткана, ни машната дали е направена.
Забавата траеше до сабајле, до класниот час другиот ден. Убави времиња беа, поинакви беа работите тогаш.

