Ксенија Николова: „Го допрев дното со депресијата, до моментот кога не ти се живее – сега живеам втор живот“
- Детали
- петок, 05 јуни 2026
„Јас сум си доказ сама на себе, дека да, можеш да бидеш ментално здрав, да закрепнеш и после своето дно. Тоа е моментот кога повеќе не ти се живее. Кај мене беше депресија којашто ми ја дијагностицираа, ја сфативме многу сериозно и се споив со професионалци кои ми помогнаа да станам подобра“ - вели искрено Ксенија Николова.

Нашата писателка и инфлуенсерка Ксенија Николова неодамна гостуваше во подкастот „Урок“ кај Сергеј Варошлија, каде зборуваше за општи теми, за детството, приватниот, но и професионалниот живот.
Една од темите беше и разводот на нејзините родители, кој се случил на нејзина 21 година.
Таа признава дека ѝ требало многу време да разбере и да се помири со тоа, а дека во себе имала гнев кој мајка ѝ, гнев кој ѝ ги „проголтал“ 20-тите години како што вели.
Подоцна во текот на разговорот, Ксенија со многу емоции зборуваше и за менталното здравје и откри дека во 20-тите години била во депресија и го допрела дното.

Во својата искрена и емотивна исповед, таа вели:
„Јас живеам втор живот во споредба со тоа каде сум била во 20-тите, а каде сум сега. Во поглед на менталното здравје.
Јас сум си доказ сама на себе, дека да, можеш да бидеш ментално здрав, да закрепиш и после своето дно. Значи јас сум го допрела своето дно кога станува збор за менталното здравје.
Допирање на дно е моментот кога повеќе, за себе зборувам, кога едноставно повеќе не ти се живее. Не само што не ти се живее, туку мислиш и дека има смисла да не ти се живее.
Танцував на таа ивица доволно долго за да се исплашам, но и доволно кратко за да не ја преминам таа граница, што ме прашуваш, да не дојде до таа конкретна помисла за посегнување по живот.
Чувството беше многу блиско до тоа, не ти се живее, едноставно не наоѓаш смисла во апсолутно ништо. Празнотија од секој аспект на тој збор. Многу, многу страшно.
Кај мене беше депресија којашто ми ја дијагностицираа, ја сфативме многу сериозно.
Преблагодарна сум што побарав помош и што бев отворена да соработувам. Да бараш помош и да соработуваш е различно.

Благодарна сум што бев отворена за напредок и што се споив со луѓе, професионалци кои можат да ми помогнат по патот, да станам подобра.
Кога ќе се погледнам сега кај сум, ми е неверојатно. Немам што друго да речам во овој живот освен благодарам“.
Ксенија често зборува за менталното здравје, затоа што е тоа општествена тема, со која може многу да им се помогне на другите луѓе кои минуваат низ истото.
За себе вели дека првично се отворила на нејзиниот татко и му признала дека ѝ е потребна помош и поддршка, а потоа свесно сама побарала помош од стручно лице.
Процесот траел околу 6-7 месеци и вели дека имала голема среќа, што со помош на нејзината докторка, успеала да застане на нозе.
Погледнете го целото гостување на Ксенија:
М. М. | Црнобело
