Виктор од Прилеп ја запроси саканата на кул начин – ја нацртал плажата на платно и прашањето „ќе се омажиш ли за мене“?
- Детали
- понеделник, 08 јуни 2026
Додека заедно со пријатели на плажа се опуштале со цртање на платно и вино, тој решил да го наслика пејзажот од плажата каде се наоѓаат и прашањето „ќе се омажиш ли за мене“, со што ја изненади саканата. „Понекогаш најубавите работи не се оние што долго се планираат“ - вели Виктор за CRNOBELO.com.

Виктор Џуро (33) од Прилеп, по професија архитект, а моментално вработен како референт за продажба на композитни материјали и Марија Трајкоска (27) од Прилеп по професија софтверски инженер, по 4 и пол години врска, ќе стапнат на „лудиот камен“.

Помеѓу многуте запросувања, ова е едно од оние спонтани, уникатни, креативни и на кои не остануваме рамнодушни.
Додека уживале на плажа со своите пријатели во „paint&wine“, Виктор решил да ја наслика плажата на која се наоѓаат и да го напише прашањето „Ќе се омажиш ли за мене“, а потоа насликаното платно ѝ го покажува на својата сакана и клекнува пред неа.
Погледнете го видеото од моментот на запросувањето:
Виктор за CRNOBELO.com раскажува подетално за организацијата:
„Со Марија сме заедно четири и пол години, а запросувањето се случи на 29 мај 2026 година на плажата Лихнос, во близина на Парга, Грција.
Интересно е што самата идеја не беше дел од некаков долгогодишен план.

Тој ден веќе имавме организирано една заедничка активност – paint & wine покрај морето, а запросувањето дојде како совршен завршеток на целото доживување. Токму затоа мислам дека изненадувањето беше уште поголемо и поавтентично.
На одмор бевме заедно со нашите блиски пријатели Христијан и Драгана. До последен момент никој не знаеше што подготвувам, освен Христијан, бидејќи ми беше потребна негова помош за незабележливо да го донесе прстенот на плажата.

Тоа беше веројатно најстресниот дел од целата организација, затоа што требаше сè да помине без Марија да забележи нешто сомнително.
За среќа, сè се одвиваше совршено. Имавме чувство како целиот ден да е создаден само за нас.
Плажата беше речиси празна, времето беше прекрасно, морето мирно, а атмосферата едноставно магична. Кога клекнав и го поставив прашањето, Марија беше целосно изненадена.

Искрено, ретко можам да ја видам без зборови, но тој момент беше токму таков.
Реакциите од сите беа неверојатно позитивни и искрени.
Емоциите беа толку силни што нашите пријатели, во налет на возбуда и среќа, завршија во морето, што дополнително го направи моментот незаборавен и внесе многу смеа веднаш по солзите радосници.

Можам да кажам дека реализацијата ги надмина сите мои очекувања.
Понекогаш најубавите работи не се оние што долго се планираат, туку оние што се случуваат спонтано во вистинскиот момент.
За нас тоа беше совршен ден и совршен почеток на едно ново поглавје во нашата приказна“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
