Приказна од Делчево топи срца: Девојка од Измир дојде да ја види пријателка си - нивните прадедовци се дружеле
- Детали
- среда, 10 јуни 2026
„Некои пријателства не познаваат ни за далечина, ни за години. Пред многу децении, мојот прадедо и прадедото на мојата пријателка од Турција, Пинар, биле искрени пријатели, а сега сме и ние - таа дојде да ме види“, вели Билјана Петровска (49) од Делчево за CRNOBELO.com.

Билјана Петровска (49) од Делчево, дипломиран новинар, кој работи како директор на Јавната локална библиотека „Илинден“, има неверојатна приказна за едно пријателство кое се протега генерации наназад.
Приказна за пријателството со Пинар, девојка родена во Измир, но и девојка која не ја заборава семејната традиција и корените од Македонија.

Инаку, прадедо ѝ на Билјана и прадедо ѝ на Пинар од деца се знаеле од делчевското село Град, каде тогаш имало многу Турци.
Но, после се иселиле масовно во Измир, па така и они си заминале.
Татко ѝ на Пинар бил мал кога заминал. Тој и татко ѝ на Билјана биле другари од деца.
Инаку, Пинар е родена во Измир и, иако е родена таму, нејзините родители ја учеле македонски јазик.

Билјана вели:
„Некои пријателства не ги познаваат ниту далечините, ниту годините.
Пред многу децении, мојот прадедо и прадедото на мојата пријателка од Турција, Пинар, биле искрени пријатели.
Животот ги разделил кога нејзиното семејство се иселило од с. Град во Измир, но пријателството останало да живее.
Потоа тоа пријателство го продолжиле нашиот дедо и нејзиниот дедо, потоа мојот татко и нејзиниот татко, дедо Шабан.

Денес, ние две ја продолжуваме истата приказна, чувајќи ја врската создадена од нашите предци.
Колку е убаво кога едно пријателство успева да ги спои Делчево и Измир, две земји, две семејства и четири генерации.
Тоа е доказ дека вистинските човечки вредности не стареат и не исчезнуваат.

Горда сум што сум дел од оваа ретка и драгоцена приказна за пријателство што трае со генерации.
Пинар деновиве ни беше на гости. И нејзината внука беше тука.
На заминување вели: „Сакаме еден ден ти да дојдеш со внуче. Да се запознаат и тие да се блиски.... Да ни се продолжи лозата на пријателството“.
Колку убаво нели?“
С. С. | Црнобело
