Антониа Гиговска одговара на полиграф: „Сум простила неверство, порано му го проверував телефонот на Роберт“
- Детали
- сабота, 20 јуни 2026
„Порано му го проверував секојдневно телефонот на сопругот, сега веќе не, затоа што има повеќе доверба сега отколку на почетокот“ – вели Антониа и додека е поврзана на полиграф открива дали простила неверство, открива дека има дует со Врчак, но и дека смета дека таа треба да оди на Евровизија пред кој било друг.

Стефан од Скопје, познат како Стефонатор, по битката со туморот пред неколку години, се повлече од Јутјуб сцената, а сега се враќа со нов проект.
Станува збор за проект во кој јавните личности одговараат на прашања поврзани на вистински полиграф, со да или не, а во текот на целото тестирање имаат можност само еднаш да притиснат на црвено копче, за да не дадат одговор на едно прашање.
Во последната епизода, гостинка во „Полиграф“ беше Антониа Гиговска, на кој ѝ беа поставени интригантни прашања за приватниот живот и кариерата.

25-годишната пејачка, признава дека сопругот Роберт има голем удел во нејзината кариера, но дека таа ги носи крајните одлуки, а на прашањето колку над 60.000 евра чинело снимањето на новиот албум, Антониа со насмевка вели – 61.000.
„Не е точно дека Роберт носи клучни одлуки во мојата кариера, секогаш јас го имам последниот збор за сè.
Татко ми бил тој кој исто така имал збор над сè околу мене и кариерата, сега веќе и Роберт и мило ми е што ги имам нив двајца за помошта што ми треба“.

На прашањата дали секојдневно му го проверува телефонот на сопругот и дали би простила неверство и зошто, таа вели:
„Не е точно дека секој ден му го проверувам телефонот. Порано да, сега веќе не. Сега има повеќе доверба отколку на почетокот, затоа што треба време за да се стекне доверба во некого.

Дали би простила неверство? Сум простила. Дали би простила пак, и да и не, повеќе не. А зошто да, затоа што сметам дека секој човек може да згреши, меѓутоа, таа грешка подоцна ќе биде непоправлива и веќе ништо нема да биде исто после тоа“.

Антониа признава дека по објавувањето на песната „Чукај чукај“ многу колеги не ја поддржале, вели дека има подготвена дуетска песна со Теа Таировиќ, која ќе се објави можеби следната година, но открива и дека има песна со Врчак.

„Песната со Врчак постои, но сè уште го немам слушнато неговиот дел, само мојот, зашто требаше да одам до Охрид, тој е таму.
Не знам зошто сè уште песната е кај него во компјутер и не знам кога ќе види светол ден, ама се надевам дека ќе види зашто е предобра песна. Врчак јави се време е“ – вели таа.

Меѓу многуте други прашања, Гиговска вели дека смета дека таа треба да ја претставува Македонија на Евровизија, иако нема проблем да се натпреварува и публиката да одлучи, но открива и дека има закажано датум за Арена Борис Трајковски, иако не сака засега да го открие.

За тоа дали има откажано настап заради мал број на гости, за слабеењето со сокчињата кои беа дискутабилни на социјалните мрежи и многу други детали, погледнете го целото видео во кое Антониа, делумно искрено одговара на прашањата, а на крај ќе откриете дали за нешто излажала според резултатите од машината.
Целото видео:
М. М. | Црнобело