Вирална објава на наша докторка: „Стоп за ‘Каде да одам на одмор? Дали имам доволно пари? Сите се во скапи хотели’“
- Детали
- сабота, 18 јули 2026
„Во време кога Инстаграм е преплавен со луксузни патувања, скапи хотели и „совршени“ животи, лесно е човек да почувствува дека заостанува. Сите ја објавуваме најубавата минута од денот, месецот или годината...“, вели д-р Маја Кирјас, хирург-оториноларинголог во Државна болница.

Прим. спец. д-р Маја Кирјас e хирург-оториноларинголог, вработена на Клинички Центар – Мајка Тереза од 1997 година.
Таа се стекнува со титула Примариус пред 15 години, а прва ја воведува радио-фреквентната коблација во Македонија, која дури и во регионот ја нема.
Воедно е и судско-медицински вештак преку Министерство за правда.
Taa сака да ужива во животот, но не го сака споредувањето со другите и чувството дека нешто треба да правиме затоа што другите го прават тоа.

Нејзината вирална објава на темата:
„Каде да одам на годишен одмор? Дали имам доволно финансии за да му овозможам на моето дете убаво лето? Дали после тоа ќе ми останат пари?
Верувале или не, ова се прашања што многумина си ги поставуваат.

Во време кога социјалните мрежи се преплавени со луксузни патувања, скапи хотели, брендови и „совршени“ животи, лесно е човек да почувствува дека заостанува.
Но, важно е да запомниме една работа.
Инстаграм не е реалниот живот. Инстаграм е внимателно избран момент од животот.

Сите, свесно или несвесно, ја објавуваме најубавата минута од денот, месецот или годината. Понекогаш фотографијата е направена одамна, на некое друго место и во сосема поинакви околности.
Зад насмевката на фотографијата може да стојат кредити, грижи, несигурност, стрес или многу непреспиени ноќи.
Особено младите треба да знаат дека не треба да го споредуваат својот секојдневен живот со туѓите внимателно одбрани фотографии.