Михаил од Тетово ја запроси Анастасија: „Го извади прстенот на тура со јавање коњи над Крива Паланка“
- Детали
- вторник, 21 јули 2026
„Запросувањето беше совршено. По романтичното јавање со коњи на Осоговските Планини, над Крива Паланка, стигнавме до прекрасно украсено место покрај езерото, каде што Михаил клекна на колено и ме праша дали ќе се омажам за него“, вели Анастасија (23) од Тетово.
Михаил (25) од Тетово ја запроси саканата Анастасија (23) исто така од Тетово за време на тура со јавање коњи на Осоговските Планини, над Крива Паланка, во близина на туристичкиот центар Калин Камен.
Анастасија, која се занимава со цртање и сликање и своите дела ги претставувам преку Инстаграм страницата „Ana S Art“, вели дека ова бил најубавиот миг во нејзиниот живот.

Анастасија за CRNOBELO.com вели:
„Во врска сме неколку години. Се запознавме сосема случајно преку заеднички познаник на кафе средба, а потоа продолживме да разговараме преку Инстаграм, каде што се запознавме многу подобро и така започна нашата љубовна приказна.

Воопшто не очекував дека ќе ме запроси, иако сме разговарале за нашата заедничка иднина, самиот момент беше целосно изненадување за мене.
Запросувањето беше совршено. По романтичното јавање со коњи стигнавме до прекрасно украсено место покрај езерото, каде што Михаил клекна на колено и ме праша дали ќе се омажам за него.

Не можев да замислам поубаво запросување – подобро од тоа не можеше да биде.
Мојата реакција беше огромно изненадување, среќа и многу емоции. Веднаш го кажав најискреното „ДА“.

Прстенот е совршен и ми е точно по мерка. Михаил сам го избрал, без ничија помош, и навистина погодил сè.

Подоцна ми кажа дека прстенот цело време бил скриен во багажникот од автомобилот, во просторот кај резервната гума. Ми призна и дека имал голема трема пред да ме побара за сопруга, но успеал сè сам да организира.

Најпрво им се јавивме на моите родители – мајка ми и татко ми. Родителите на Михаил веќе знаеја за запросувањето, бидејќи биле вклучени во изненадувањето.

Засега сè уште немаме конкретни планови за свадбата. Во моментов уживаме во овие прекрасни моменти и во свршувачката, а организацијата ќе дојде малку подоцна.

Љубовта секогаш го наоѓа својот пат кога е искрена. Овој момент засекогаш ќе остане најубавиот спомен во нашите животи и почеток на едно ново, заедничко поглавје“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело