Овчичките порачаа - не дозволувајте да бидеме отфрлени и изолирани!

Денес е 2 април, светскиот ден на аутизмот и по тој повод на вчерашниот маскенбал децата со аутизам со маската „овчички“ сакаа да испратат една поразлична порака до сите.

ovcickite-poracaa-ne-dozvoluvajte-da-bideme-otfrleni-i-izolirani-01.jpg

Маската која тие ја изработија со своите родители претставуваше симбол за тоа како децата со аутизам се чувствуваат во ова опкружување и каков е третманот на општеството кон нив.  Од тие причини нивната маска го илустрира она со што тие се соочуваат секој ден.

Во Македонија има околу 140 регистрирани деца со аутистичен спектар, но се претпоставува дека бројката надминува 10 000 деца.

И покрај големите напори од здруженијата на родители, некои од институциите, наставниците, дефектолозите и психолозите, голем дел од овие деца сè уште се соочуваат со предрасуди, неприфаќање, изолираност и дискриминација.

„Мојата ќерка е мило, динамично, храбро и весело девојче, со голема страст за забава, игра и музика. Оваа атмосфера за неа е голема радост, но и голем стрес, бидејќи таа живее со аутизам. 

Оваа маска што ја изработивме сите, и децата и ние родителите, сакавме да биде симбол и илустрација на третманот на нашите деца од околината и од општеството. Поддршката од јавноста и прифаќањето на нашите деца е од витално значење за нивниот развој и за нивната благосостојба.

Се надевам дека ќе влијаеме и се надевам дека ќе ја подигнеме свеста за тоа како секој поединец постапува кон овие деца. Надежта е она што се будиме секое утро“ - изјави Зоран Кардула во врска со приказната што се крие зад оваа маска.

Во најновото истражување „Знаења, ставови и практики за вклучување на децата со попреченост во Македонија“ спроведено од УНИЦЕФ во 2014 година, еден од запрепастувачките заклучоци вели дека една петтина од јавноста во Македонија смета дека е неприфатливо за дете со аутизам да биде нивни сосед.

Повеќе од половина од населението сметаат дека е неприфатливо нивните деца да учат во градинка или во училиште заедно со дете со аутизам.

Значителен процент, 55% сметаат дека децата со посебни потреби не можат да бидат целосно интегрирани во општеството.

Незнаењето, недоволната информираност и игнорантниот однос се главни пречки во комуникацијата и развивање на пријателство и соживот со овие деца.

ovcickite-poracaa-ne-dozvoluvajte-da-bideme-otfrleni-i-izolirani-2.jpg

Недоволниот степен на знаење, едукација и соодветни обуки за наставниците во училиштата за работа со децата со посебни потреби, значително ја отежнува инклузијата во образовниот процес, иако светската пракса потврдува дека прифаќањето и интеграцијата во образованието е најдобар механизам за напредок, социјализација и надминување на некои од пречките кај овие деца.

„Да живеете со аутизмот значи да живеете во постојана неизвесност. Тоа го консумира целиот наш живот. Она што сакавме да го кажеме преку оваа маска е колку сме засегнати и како се чувствуваме во однос на прифаќањето на нашите деца од околината.

Ако сакате да го евалуирате напредокот на ова општество, само набљудувајте каков е третманот на децата со посебни потреби, вклучувајќи ги и децата со аутизам. Тоа ќе ви каже доволно“ - изјави Горан Митевски.  

Народниот Правобранител ја поддржува иницијативата на група родители кои со овие и слични активности сакаат да ја подигнат свеста за третманот на децата со аутизам во општеството, нивните потреби, неопходноста од прифаќање на овие деца во образовниот процес, како и овозможувањето на инклузија во рамките на општеството.

„Нашиот став е јасен и недвосмислен, а тоа е дека децата со аутизам имаат исти права како и другите деца и треба да ги уживаат правата на подеднаква основа, а заради специфичноста на нивните потреби, општеството треба да создаде и да обезбеди услови за непречено остварување на овие права“ - изјави Васка Бајрамовска Мустафа, заменик народен правобранител.

На маскенбалот по повод 1-ви април децата со аутизам дојдени да го искажат својот став со групната маска беа обземени од целата атмосфера, весели и разиграни.

Како што впрочем вели само 1% од испитаниците од истражувањето на УНИЦЕФ: Децата се само деца. 

ovcickite-poracaa-ne-dozvoluvajte-da-bideme-otfrleni-i-izolirani-1.jpg

Би можело да ве интересира:

Цеце Николова, порасна во дом за деца без родители и денес блеска: „Се срамам од постапките на моите... „На прашањето „Дали некогаш се срамиш од твоите родители?“, Цеце вели:„Уф, многу...
Позитива на денот! Македонка ги наслика Андреј, Тоше и Панчо: „Тие не се дел од минатото - тие се ве... „Оваа слика е мој начин да ви се поклонам. Не со зборови, туку со молитва во бој...
„Заедно сме од деца“ - Олгица Тодорова (24) oд Кочани имаше магично запросување на Лефкада од сакани... „Нашата љубовна приказна трае речиси една деценија. Заедно сме уште од деца и ни...
Елвин, иден онколог од Штип, ја изгуби мајка си од рак: „Нејзината најголема грижа додека беше болна... „Мајка ми ја водеше најтешката битка во животот — битката со канцерот. Но, не са...
Бетика од Ресен: „Од 9 години научив да возам трактор, семејно береме сливи, дрвцата ни се како деца... „Возам трактор од мојата 9-та година и благодарение на мојата фамилија со години...
Астрологот Зоран Крстевски: „Станав самохран татко кога децата имаа 3 и 6 години, се видов во наталн... „Кога седнавме да ѝ ја направам наталната карта, се видов себеси во неа. Анализи...

Најчитани неделава