Лесни љубовни романи, совршени за опуштање на плажа
Викенд на плажа? Секако! Уште ако покрај себе имате добра книга - уживањето ќе е потполно.

Почна сезоната на викенди на море и рани летни одмори, па освен што ќе ви треба млеко за сончање, костим за капење и пешкир - потребна ви е и добра книга.
А за на плажа, се знае, најдобро е нешто лесно, што се чита брзо и во еден здив.
Затоа ви препорачуваме 3 лесни љубовни книги, со кои ќе се опуштите додека сте на плажа:
„Само најсекси маж кој постои“, Џули Џејмс
Млада, успешна адвокатка која си ја обожава својата професија, добива задача во која е инволвиран познат актер.
Но, таа не е загрижена што треба да соработува со најпосакуваниот маж на денешницата, иако пред некој месец ја раскина својата веридба. Па што ако тој е најсексапилниот маж на светот.
А господинот Холивуд полека почнува да ѝ се вовлекува под кожа и да го пореметува нејзиниот совршен, педантен свет во кој сè е подредено на кариерата?

„Како на филм“, Анабел Монагам
Нора Хамилтон ја знае формулата за љубов подобро од кој било - тоа ѝ е сепак работа, како сценарист на филмови кој работи на канал за романси.
Но кога сопругот, кому му е под чест да работи, ги остава неа и нивните две деца, Нора решава да заработи од пропаста на својот брак и го пишува најдоброто сценарио во својот живот.
Таа добива понуда за снимање филм од огромна продукција, а снимањето се закажува во нејзиниот дом.
Но, нејзиниот живот никогаш повеќе нема да биде ист, особено откако дознава дека улогата на нејзиниот поранешен сопруг ќе ја игра Лио Венс, кој претходно бил прогласен за Најсекси маж кој постои.
По крајот на снимањето, Нора го наоѓа Лио на својот трем со полупразно шише текила и предлог да ѝ плаќа по 1.000 долари дневно за да му дозволи да остане кај неа уште една недела.

„Скрши го мразот“, Хана Грејс
Анастасија Ален е лизгачка која цел живот се труди да влезе во американскиот олимписки тим.
Но, кога нејзиниот партнер за лизгање во двојки ќе се повреди, по игра на случајот, таа е принудена да ја прифати понудата од Нејтан Хокинс, капитенот на хокеарскиот тим во нејзиниот колеџ, да ѝ помогне додека тренира.
Нејт го заменува хокеарскиот стап за хеланки, а стариот страшен хокеарски тренер за уште пострашен - жената која ја тренира Анастасија.
А Анастасија, освен што мрази да губи - мрази и хокеари…

А. Ј. | Црнобело
