Каролина - книга на англиски јазик, Лила - лесен роман: Што читаат познатите Македонци во лето 2025? (втор дел)
Што читаат Каролина Гочева или Ивона Јо ова лето? Погледнете кои книги ги споделија на социјалните мрежи... можеби ќе сакате да ги побарате и да ги прочитате и вие.

За многумина читањето книги е љубов која трае преку целата година, други, пак, обожаваат да читаат преку лето.
Но, каква култура за читање и да имаат Македонците, обично кога се на плажа, сакаат да покажат што читаат во моментот, зашто плажата и е идеално место за читање.
Исклучок не се ни нашите јавни личности. Ова лето дел од нив веќе открија што читаат.
Ова се нивните летни препораки:
Лила Филиповска ја чита „Ленинградска зима“ од Кристин Хана
Мередит и Нина Витсон се толку различни што не личат на сестри. Едната останува дома, се мажи со својата прва љубов, раѓа деца и го води семејниот бизнис. Другата ги следи своите соништа и патува низ светот како познат фоторепортер.
Но кога нивниот татко се разболува, Мередит и Нина повторно се спојуваат со нивната неописливо ладна мајка, Ања, која дури и во овој најтрагичен момент не им нуди утеха на своите ќерки.
Како деца, единственото нешто што ги поврзувало со неа била руската бајка што Ања понекогаш им ја раскажувала на девојчињата.
Сега, татко им на смртната постела, бара трите жени да му дадат заедничко ветување - бајката да биде раскажана и ислушана за последен пат, но овој пат од почеток до крај.
Така почнува необичното патување низ вистината за животот на Ања во војната, во Ленинград, пред пет декади.
Приказната на мајка им е толку потресна, срцепарателна и страшна што ќе ги протресе основите на нивното семејство и целосно ќе ги промени сите.

Каролина го чита романот „Мал живот“ од Хања Јанагихара, на англиски јазик
Со дејствие сместено во Њујорк, книгата ги прикажува животите на четири пријатели, Џуд, Вилем, Жан-Батист и Малколм, додека се борат со злоупотреба на супстанции, сексуален напад и депресија.
Џуд Сент Франсис е хендикепиран гениј со мистериозно минато, Вилем Рагнарсон е љубезен, згоден маж кој се стреми да стане актер; Малколм Ирвин е архитект кој работи во престижна фирма; а Жан-Батист Марион е сликар кој сака да се прослави во светот на уметноста.
Книгата ги следи нивните односи кои се менуваат под влијание на успехот, богатството, зависноста и гордоста.
Главниот фокус на романот е енигматичниот адвокат, Џуд. Тој страда од оштетен 'рбет, што го остава со неподнослива болка во нозете, што доаѓа и си оди. Без да знаат неговите пријатели, тој исто така често се самоповредува.

Инфлуенсерката Бојана Делидинкова воодушевена од „Убавината на скршените нешта“ од Ивана Спасев
Итан се бори за нешто целиот свој живот – за успех, за докажување, за љубов. Роден со големи соништа и амбиции, а израснат со малку, се обидува да се пробие во свет кој никогаш не му дал ништо на тацна.
Кога ја запознава Ирис, таа му покажува дека ништо во животот не е невозможно и прави тој да се чувствува семоќно.
Со неа, повеќе не мора да се бори сам. Па кога таа сонува, тој сонува со неа. Кога таа посакува нешто, тој ќе помести и планини за да ѝ го даде.
А кога таа копнее за семејство, тој се заколнува дека ништо – дури ни невозможното – нема да им застане на патот.
И кога конечно го добиваат чудото кое го чекаат, мислат дека е готово. Но грешат.
Судбината е безмилосна и ја распарчува нивната љубовна приказна. Стануваат туѓинци во сопствените животи, а нивната љубов почнува да напукнува од грешката која никој не може да ја поправи.
За првпат, тие се на спротивна страна на битката.

Ивона Јо чита романтична книга со моќна порака
Хедер Хамилтон има грст желби. Тоа не се големи желби како мир во светот или главна женска улога во филм со Бред Пит, туку мали, секојдневни желби кои постојано и паѓаат на ум.
Со нејзината среќа во животот, свесна е дека тие наивни желби никогаш нема да и се остварат...
Сè додека еден ден на улица од една Циганка не купи амајлија, a нејзината среќа од корен се менува.
Дали остварувањето на желбите е благослов или клетва? Дали нè прави среќни тоа што го добиваме откако ќе го посакаме?
Во романтична комедија, писателката Александра Потер открива како може да изгледа животот кога наеднаш ќе ви се остварат сите желби.

А. Ј. | Црнобело
