Кристина од Скопје: „Дома имам скоро 700 книги, читам и по 10 месечно - Кои ми се омилени?“
„Уште кога сум била бебе, мајка ми обожавала да ми чита, а штом научив да читам, ме обезбеди со книги соодветни за мојата возраст. На почетокот читав фантазија, но на околу 15 години ги открив психолошките трилери“, вели Кристина Ристовска, на која секое утро ѝ почнува со 1 час читање и кафе, за CRNOBELO.com.

Кристина Ристовска (24) од Скопје е страстен вљубеник во читањето.
Таа дипломирала на факултетот American College, на насоката Computer Science, но нејзината љубов кон пишаниот збор ја води во друг правец од науката - трилери, љубовни романи.
Чита од дете, а нејзината импресивна домашна колекција има скоро 700 книги.
Својата страст за книги ја споделува и преку Инстаграм, каде што е позната како Devojceto_so_knigite.

Кои дела ѝ оставиле најсилен впечаток, па според Кристина треба да ги прочитате, таа ни раскажа во разговорот:
„Љубовта спрема книгите ја стекнав уште многу рано, поточно кога имав отприлика 7-8 години.
Но, мајка ми уште кога сум била бебе обожавала да ми чита, и се разбира, штом научив да читам, ме обезбеди со книги соодветни за мојата возраст.

На почетокот читав фантазија, но на околу 15 години ги открив психолошките трилери - книги како „Терапија“ од Себастијан Фицек, „Скриена во најмрачниот агол“ од Елизабет Хејнс, и исто така би ги додала и мрачните трилери на Карлос Руиз Зафон.
Со текот на годините, мојата домашна библиотека, од скромни 70 книги, се зголеми десекратно и сега има скоро 700 книги.

Зависи од секојдневните обврски и водењето мал бизнис, месечно читам од 7-10 книги.
Читањето е дел од моето секојдневие. Секое утро го започнувам со еден час посветен само на мене, книгата и едно добро утринско кафе.

Навистина не би можела да издвојам кој жанр најмногу го сакам, затоа што сум читател што следната книга за читање ја одбира според расположението, но забележувам дека во последно време сè почесто читам романси.
Книгите се многу повеќе од обична забава за мене. Преку нив се поврзувам со луѓето и така запознав пријатели за цел живот“.

Кристина за читателите на CRNOBELO.com има и предлог од пет книги, кои неа ѝ оставиле силен впечаток, а вели, вреди да се прочитаат:
„Фаворити“, Лејн Фарго
Моќна драма за љубовта, амбицијата и цената на успехот. Приказната ја следи Катарина Шо и Хит Роча - двајца талентирани млади лизгачи, кои уште од најраната возраст го освојуваат мразот со својата неверојатна хемија и харизма.
Нивната врска и на мразот и надвор од него е исполнета со многу силни емоции, страст и постојан притисок од светот кој будно ги набљудува.
Зад блескавите настапи и аплаузите, сепак се кријат тајни, многу жртви и борба за сопствениот идентитет.
Главните ликови се толку комплексни, со свои маани и страсти, што цело време се двоумев дали да пробам да ги разберам или едноставно да ги мразам.
И баш тоа ме држеше да продолжам да читам понатаму. Многу ми се допадна како е прикажан светот на уметничкото лизгање - блескав однадвор, но со многу жртви и притисоци зад сè.
Фарго успева да создаде роман кој истражува каде завршува љубовта и каде започнува опсесијата, што навистина значи слава и што се крие зад совршената слика што ја гледаме сите.
Сурова и страсна приказна што мислам дека никогаш нема да ја заборавам.

„Првата лага е добитна“, Ешли Елстон
Ова е психолошки трилер што буквално ме држеше на работ од столот!
Приказната се врти околу Еви Портер, жена која живее во свет на маски и лаги.
Таа е вистински мајстор за создавање нови идентитети, но нејзината вештина ја носи во опасни и непредвидливи ситуации.
Секој лик има свои скриени мотиви, а вистината е толку вешто прикриена, што никогаш не е она што изгледа на прв поглед.
Ја прочитав книгата во еден здив! Веднаш ме вовлече во светот на Еви и нејзините тајни.
Авторката брилијантно ја гради неизвесноста низ целата книга, а секое поглавје носи нова дилема што те тера постојано да се прашуваш што е вистина, а што добро испреплетена лага.

