Три возбудливи книги кои треба да ги прочитате на почетокот на есента 2025
Садистички сериски убиец кој умешно бега од полицијата, љубовна приказна и проклетството што го носи таа за едно италијанско семејство, потрага по мрачни семејни тајни во Париз - овие три книги ќе ве држат во исчекување до последната страница.
На почетокот на есента, годишното време како создадено за читање книги, додека седите дома со топол чај, под ќебе, ви нудиме три возбудливи романи, од различни жанрови.
Нема да се покаете ако ги прочитате:
„Птичар“ од Мо Хејдер
Откако откриваат нешто грозоморно во Гринич, југоисточен Лондон, нервозните детективи на ЦИД го свикуваат елитниот одред за разоткривање убиства, познат како АМИП.
Тие наоѓаат пет трупови, сите на млади жени, сите убиени во ритуален обред, па фрлени во пустелија во близина на Милениумската купола.
Секоја обдукција покажува дека жртвите ги поврзува една единствена морничава шема, па на детективите им станува јасно дека трагаат по најопасниот злосторник - сериски убиец со сексуални мотиви.
Младиот, амбициозен и сталожен детектив-инспектор, Џек Кафери, во исто време се соочува и со анимозитет во полициските редови и со сенките од минатото во овој, за него прв случај со АМИП.
Прогонуван од сеќавањето на една дамнешна смрт, тој го употребува секое оружје кое му го нуди форензиката, зашто знае дека е само прашање на време кога хаотичниот, садистички убиец ќе нападне повторно.
Овој мрачен и вознемирувачки трилер не е за оние со слабо срце, но совршен за љубителите на Стивен Кинг и Карин Слотер.

„Куќата на насипот“ од Даниела Раимонди
Семејството Казадио отсекогаш живее во селото Стелата, помеѓу Ломбардија, Емилија Ромања и Венето.
Тие се богати и вредни луѓе.
Меѓутоа, на почетокот на 19-тиот век, еден цигански караван запира во ова селце на реката По, а жителите на Стелата се преплашени, но и маѓепсани со тој чудесен свет на бои и несекојдневни обичаи.
Џакомо, срамежливиот и единствен наследник на Казадиови се заљубува во една од нив, преубавата Циганка со див поглед, Виолка Тоска, па така ќе зачне поколение на немирни и страсни луѓе.
Оттогаш, сите потомци на ова семејство се делат на синооки и русокоси сонувачи кои наликуваат на Џакомо и на црнооки и црнокоси видовити наследници на вештините на Виола.
Казадиови жиеат растргнати помеѓу незапирливата желба да ѝ се спротивстават на судбината и опасната навика да ги следат своите соништа.
Секој од нив докрај го спроведува својот избор, без разлика дали е за љубов или побуна, за глад за правда или волја да се промени светот - но пред сè му пркосат на страшното пророштво, кое во една молскавична ноќ на Виолка ѝ го откриваат тарот картите.
Сага за семејство која се протега низ два века, опфаќајќи и важни историски случувања во Италија - од револуционерните движења кои доведуваат до обединување па до слободните години на минатиот век.

„32 март“ од Хавиер Боск
Еден ден откако доживеа нешто што длабоко ја вознемири и ѝ предизвика големо страдање, Барбара реши да најде засолниште во Париз.
Се смести кај баба ѝ Марго со која беше посебно поврзана.
Едно утро во 2008-ма, во годината кога снегот ја затрупа земјата, Барбара најде непознат млад човек заспан на нејзиниот црвен кауч.
Таинствениот фотограф ,кој никогаш не правел фотографии на луѓе, ќе ѝ помогне во една неочекувана потрага.
Воедно ќе ги откријат тајните на баба ѝ Марго, жената што ја преживеала окупацијата на Париз по Втората светска војна.

А. Ј. | Црнобело
