Промоција на книгата „Маги - Како да беше некогаш“ од Душан Весиќ
Книгата „Маги - Како да беше некогаш“ е интимно и искрено сведоштво за животот, љубовта, музиката и светлината што ги ширеше Маги од култниот бенд ЕКВ, како и за болката што ја криеше зад клавијатурите.

Издавачката куќа „Полица“ ве поканува на музичка промоција на книгата „Маги - Како да беше некогаш“ од Душан Весиќ.
„Дојдете заедно да ја почувствуваме во живо магијата на легендарните ЕКВ и нивната музика, која ги одбележа 90-тите години од минатиот век, и заедно да ѝ оддадеме почит на Маргита Стефановиќ - Маги, жената што остави длабок печат врз југословенската рок-сцена“ - велат издавачите на книгата.
Книгата „Маги - Како да беше некогаш“ е интимно и искрено сведоштво за животот, љубовта, музиката и светлината што ги ширеше Маги, како и за болката што ја криеше зад клавијатурите.
Преку сеќавања на блиските луѓе на Маги и на оние со кои работела, авторот нè води низ спомени, интервјуа и нераскажани приказни за жената што беше симбол на креативност, храброст и трагичност.
На промоцијата ќе биде прикажана 10-минутна проекција од документарниот филм „Како да беше некогаш“ од Душан Весиќ.
Промотори ќе бидат нашиот врвен музички и рок-новинар Тошо Филиповски и Наташа Мечкароска-Симјаноска, уредничка на книгата.
За да биде магијата целосна, тука ќе биде и бендот „ЕКВ акустик трибјут“.
Да се потсетиме како беше некогаш и да ги оживееме музиката, духот и љубовта на Маги!
Промоцијата ќе се одржи на 15 октомври во 20:00 часот во „Котур“.
