Драгана Стратијева, автор на „Додека кафето не се излади“: „Добивав пораки од жени што не сум ги запознала, а ми пишуваа како да се знаеме со години“

Во еден момент сфатив дека луѓето не ги паметат зборовите затоа што се убаво напишани. Ги паметат затоа што се пронашле во нив.

dragana-stratijeva-avtor-na-dodeka-kafeto-ne-se-izladi-dobivav-poraki-od-zheni-shto-ne-sum-gi-zapoznala-a-mi-pishuvaa-kako-da-se-znaeme-so-godini-01.jpg

Никогаш не мислев дека неколку напишани зборови можат да ме однесат до тука. Кога почнав да пишувам, не размислував за бројки, продажба или успех.

Пишував затоа што имав што да кажам. Затоа што постоеја чувства што предолго живееја само во мене и бараа место каде што ќе можат да останат.

Долго време мислев дека приказната што ја раскажувам е само моја. На денот на промоцијата, додека се читаше претставувањето на книгата, плачев.

Не од тага, туку од возбуда. Од сознанието дека нешто што долго време живеело само во мене конечно излегува пред луѓето. Тоа беше моментот кога сфатив дека приказната повеќе не ми припаѓа само мене.

Стоев пред луѓе кои дојдоа да слушнат дел од мене, а јас за првпат гледав како зборовите што толку долго живееле на хартија почнуваат да живеат и кај некој друг.

Потоа почнаа да пристигнуваат пораките. Пораки од жени што никогаш не сум ги запознала, а ми пишуваа како да се знаеме со години.

Жени што се пронаоѓаа во една реченица, во една мисла или во цел текст. Жени што ми раскажуваа делови од својот живот, своите стравови, своите разочарувања, своите победи и порази.

Во еден момент сфатив дека луѓето не ги паметат зборовите затоа што се убаво напишани. Ги паметат затоа што се пронашле во нив.

dragana-stratijeva-avtor-na-dodeka-kafeto-ne-se-izladi-dobivav-poraki-od-zheni-shto-ne-sum-gi-zapoznala-a-mi-pishuvaa-kako-da-se-znaeme-so-godini-02.jpeg

Со текот на времето почнав да добивам сè повеќе пораки. Некои беа долги неколку редови, некои неколку страници. Некои започнуваа со: „Не знам зошто баш тебе ти пишувам…“, а завршуваа со приказни што тие жени можеби никогаш претходно не ги кажале гласно.

Тогаш разбрав дека тоа што го создадов не е само книга. Создадов простор. Простор во кој некој се чувствува виден. Простор во кој некој конечно може да каже: „И јас го поминав истото.“

Најголемото изненадување не беше што книгата е речиси распродадена. Најголемото изненадување беше што зад секоја купена книга стоеше вистинска личност. Нечија приказна. Нечија болка. Нечиј почеток одново.

Во меѓувреме, книгата доживеа голем број споделувања на социјалните мрежи, а интересот продолжува да расте.

Но колку и да се важни бројките, тие никогаш не беа најголемата вредност на овој пат.

Денес, кога ќе погледнам наназад, не се сеќавам на бројот на продадени примероци. Се сеќавам на разговорите. На жените што плачеле додека ми пишувале. На оние што ми кажале дека по долго време повторно почнале да пишуваат, да зборуваат или едноставно да чувствуваат.

Се сеќавам на поддршката од луѓето што ме следат на социјалните мрежи. На довербата што ми ја дадоа. На чувството дека зад секој профил стои вистинска личност која дошла затоа што во некој момент се препознала во моите зборови.

И ако денес некој ме праша што е најголемиот успех од целиот овој пат, одговорот не би бил речиси распродадената книга. Би бил фактот што од непознати луѓе создадовме заедница.

Заедница во која никој не мора да се преправа дека е посилен отколку што е. Заедница во која не мора секогаш да имаш одговор. И заедница во која сфаќаш дека колку и да мислиш дека си сама во нешто едноставно не си. Тоа е најубавото нешто што ми се случи на овој пат.

dragana-stratijeva-avtor-na-dodeka-kafeto-ne-se-izladi-dobivav-poraki-od-zheni-shto-ne-sum-gi-zapoznala-a-mi-pishuvaa-kako-da-se-znaeme-so-godini-04.jpeg

Во моментов работам на мојата втора книга, која планирам да биде објавена до крајот на оваа година.

Ако првата книга беше место каде што многу жени се препознаа во своите тишини, тогаш втората ќе биде продолжение на разговорот што започна меѓу нас.

И токму поради тоа, секој нов збор што го пишувам денес има многу поголемо значење отколку кога започнав. Затоа што повеќе не пишувам само за себе.

Пишувам за сите нас што некогаш сме се обидувале да продолжиме понатаму, а притоа сме барале само едно нешто … да бидеме разбрани.

dragana-stratijeva-avtor-na-dodeka-kafeto-ne-se-izladi-dobivav-poraki-od-zheni-shto-ne-sum-gi-zapoznala-a-mi-pishuvaa-kako-da-se-znaeme-so-godini-03.jpeg

Би можело да ве интересира:

Три лесни книги кои ќе ви го задржат вниманието и во најголемите жештини За некои летото е идеално време за читање, на други им е многу тешко да фатат кн...
Андриана од Битола: „Имав библиотека од 1.000 книги, пола морав да ги раздадам - Кои 5 ми се омилени... „Имам прочитано над 1.000 книги, а уште толку имам на листата. Свесна сум дека н...
3 трилери за жени-детективки кои ќе ве држат во неизвесност до последната страница Сериски убиец кој не убива од омраза; детективка која бара мистериозен демнач, а...
Љубица од Гевгелија има библиотека со над 500 книги - Кои три ѝ се омилени? „Првите книжевни солзи ги пролеав читајќи ја 'Колибата на чичо Том'. Моето детск...
На 56 години, Мирјана Сионова од Охрид го стори тоа што многумина само сонуваат – ја издаде својата ... „’Европа нè чека нас‘ е повеќе од книга. Таа е потсетник дека никогаш не е доцна...
3 романи што ќе ве привлечат уште по првите прочитани страници Млада пациентка во кома раѓа здраво машко дете. Таа е феномен или е силувана дод...

Најчитани неделава