Три интересни дела од македонски автори кои треба да ги прочитате
Ви препорачуваме три дела од тројца македонски автори - еден роман, една збирка раскази и една книга со поезија... ако не за да ги прочитате, тогаш можеби да ги подарите на некој што е љубител на убавиот пишан збор.

Години наназад македонските автори создаваат пишани дела вредни за почит.
Без оглед дали станува збор за проза или поезија, читателската публика го препознава нивниот квалитет, па честопати знае да ги спомене како четива кои вреди да се прочитаат.
Затоа и оваа недела ви препорачуваме три дела од тројца македонски автори - еден роман, една збирка раскази и една книга со поезија.
Доколку не знаете што да прочитате или можеби да подарите некому, кој е љубител во пишаниот збор, изберете една од следниве три книги:
„Промилите на Конзулвил“ од Јордан Николов
Ова е необичен, оригинален, збунувачки роман, каков што се појавува еднаш во неколку децении, пишуваат оние што го прочитале.
„Слоевит е, полифоничен, со комплексна и вешто изведена структура, шокантен до крајни граници, исполнет со иронија и хумор кон стварноста што ја живееме на Балканот.
Николов смело експериментира со жанровите и со сфаќањата за музиката, книжевноста, животот, дури и ако тоа значи прекинување на раскажувачкиот тек.
Борба за спас на книгите и плочите, расправа за значењето на Светото писмо и за најдоброто кафе во Градот на конзулите, патувања низ времето, урнебесни персонални варијации на вечниот Ананандранандра, посета на Хесе на Македонија и перформанс на Марина Абрамович во село Магарево...“

„Додека кафето не се излади“ од Драгана Стратијева
Ова не е класична книга со поезија, вели авторката, која неодамна ја промовираше својата збирка со песни.
„Ова е разговор што не сме стигнале да го имаме, поглед што се задржал премногу долго, паузата меѓу ‘добро сум’ и вистината зад овие зборови.
„Додека кафето не се излади“ ги спојува тие мигови во зборови што боли да се прочитаат, но лекуваат кога ќе се препознаете во нив.
Пишувам за жената што се бори, за мажот што премолчува, за сите што уште веруваат дека искреноста е форма на љубов.
Секој текст во книгата е како кратка сцена од животот - вистинска, сурова, но убава по својата човечност“ - вели Стратијева за своето дело.

„Дрско црвен кармин“ од Јагода Михајловска - Георгиева
Самото дело е поделено на три дела од по девет раскази.
Сите тие опфаќаат теми од секојдневниот, современ живот, а секој расказ е миниуниверзум, заокружена приказна за конкретни луѓе, на конкретни места, со конкретни судбини.
Тоа се истите ликови тие што може секој да ги познава, или себеси да се препознае во нив.
И без оглед дали дејствието се одвива во некоја домашна средина или во некоја далечна земја, основната авторска линија останува непроменета: длабоко нуркање низ емотивно-психолошкиот свет на јунаците, здогледување на деталите и финесите што на прв поглед се недогледливи, суптилно нијансирање и остро, проникливо засекување на ткивото што е предмет на нејзиното набљудување.

А. Ј. | Црнобело
