Љубица од Гевгелија има библиотека со над 500 книги - Кои три ѝ се омилени?
„Првите книжевни солзи ги пролеав читајќи ја 'Колибата на чичо Том'. Моето детско невино срце беше рането поради неправдите кои ги доживеал тој и не можев да сфатам како светот можел да биде толку суров кон едно човечко суштество“, вели Љубица Делиманова, која најмногу обожава да чита руски класици. Кои се нејзините омилени книги?

Љубица Делиманова (29) од Гевгелија е графички дизајнер и илустратор. Таа обожава цртање, фотографирање, учење нови јазици, возење велосипед, истражување во природа, но Љубица е и голем љубител на книгите.
Таа има голема домашна библиотека, а посебна љубов ѝ се руските класици, особено делата кои ги напишал Достоевски.
„Љубовта кон читањето книги за мене започна уште од мали нозе. Бев во предучилишна возраст кога научив да читам благодарение на мојата баба Мара и мојата желба за патување во нови далечни и неоткриени светови, полни со пресврти и емоции.
Никогаш нема да заборавам како јас, едно мало девојче со возбуда во срцето, се чувствував кога стоев пред огромните полици полни со книги во кои живееја возбудливи ликови и нивните авантури.
Копнеев да дознаам што е можно повеќе за нив и фантазиите во кои тие постоеја.

Една од првите книги кои ги прочитав беше „Колибата на чичо Том“ од Хариет Бичер Стоу, книга која остави длабока трага во мене и честопати ѝ се навраќам.
Првите книжевни солзи ги пролеав читајќи ја токму оваа книга. Моето детско невино срце беше рането поради неправдите кои ги доживеал чичо Том и не можев да сфатам како светот можел да биде толку суров кон едно човечко суштество.
Во очите на едно дете, светот е еднаков за сите, неизвалкан е и не постојат поделби.

Читањето остана мое прибежиште, мој скриен дом кој секогаш ќе има место за мене, во своите одаи покрај топлото огниште.
Кога сум тажна, книгите несебично ми подаваат рака. Кога сум среќна, тие ја споделуваат радоста со мене. Кога сум несигурна, нивните страници ги имаат одговорите.
Како верен пријател, кој ја познава твојата душа, пријател кој никогаш не се откажува од тебе, без разлика на сè.
За многу луѓе, читањето книги е надежта од која не смееме да се откажеме, онаа која умира последна. Во светот на книгите, таа всушност никогаш и не умира“ - вели Љубица за CRNOBELO.com.

Како страстен читател и голем вљубеник во книгите, таа со гордост вели дека нејзината домашна библиотека брои над 500 наслови.
„За некој оваа бројка можеби е преголема. Но за читател, никогаш не е доволно. Интересно е дека љубителите на пишаниот збор често се шегуваат дека читањето книги и купувањето книги се различни хобија.
Тоа не е далеку од вистината и мојата листа на книги кои сè уште чекаат да бидат прочитани не е мала. Но, тоа не ме спречува да се воодушевувам од нови наслови и да сакам да ги видам истите на моите полици.
Во ред е да го чекаме вистинскиот момент за да прочитаме некоја книга. Дотогаш, таа може спокојно да живее на нашите полици сè до денот кога конечно ќе ја почувствуваме нејзината магија како нè повикува.

Во мојата домашна библиотека можат да се најдат многу жанрови. Трилер и мистерија, љубовни романси, епска фантазија, магичен реализам, дистопија и безброј други.
Во ова топло катче нема простор за дискриминација, има простор само за книги и уште повеќе книги. Без разлика на број на страници, книжевни правци, име на автори и критики.
Мојата библиотека им дава шанса на сите подеднакво. Од Достоевски до Џорџ Р. Р. Мартин, од Александар Дима до Платон.
Богата библиотека е патот до душевен мир и спокој, срце отворено за љубов и ум ослободен од предрасуди.

Сите книги кои досега сум ги прочитала, оставиле некаков белег врз мене на свој начин.
Сум доживеала многу емоции, сум се поврзала со различни приказни и ликови и навистина е тешко да се изберат едни пред други.
Некои ти ја допираат душата, некои ти го кршат срцето, некои прават да се почувствуваш како дете уште еднаш и да заборавиш на грижите и вистинската тежина на реалноста која ја делиме меѓусебно.
Некои ти ја враќаат надежта, некои те терaат да поставуваш прашања и да бараш одговори на места каде никогаш претходно не си ни помислувал/а да ги бараш.

Секоја книга е богатство, длабоко закопано во песокот и чека да биде откриено од вистинската личност.
Кога читам, јас ја имам моќта. Јас сум принцот кој ќе го одбрани замокот, јас сум девојката која ќе ја преброди најболната траума и ќе го живее својот живот како што сака и заслужува. Јас сум таа која ќе ги скрши оковите, која ќе го запали огнот и ќе гори во пламенот на победата.
Кога читам, јас можам да бидам сè што ќе посакам. Победникот кој ја пишува историјата, кралот кој ја освојува битката, волкот кој бестрашен лови во дивината“, раскажува таа.

