Љубица од Гевгелија има библиотека со над 500 книги - Кои три ѝ се омилени?
„Злосторство и казна“ од Ф. М. Достоевски
„Злосторство и казна“ е книжевното дело кое ме натера да се вљубам во руската литература и во самиот Достоевски.
Првично е објавено во 1866 година и се смета за едно од најголемите книжевни дела на светската литература.
Го следи Родион Романович Раскољников, сиромашен млад човек, поранешен студент по право кој поради бедата во која запаѓа е принуден да ги напушти своите студии.
Раскољников е задлабочен во својата филозофија, верува дека светот се дели на два типа луѓе.
Едните се обични и осудени на пропаст и бескрајно патење, потчинети, гнијат во сиромаштија и плаќаат како за своите така и за туѓите гревови.
Овие луѓе ги следат правилата на општеството, не се предодредени за ништо големо и никогаш нема да го променат светот.
Другите се оние „избраните“, необичните, кои се над сè и секого, кои имаат моќ да го променат светот и нив им е дозволено да ги кршат правилата и да ги газат сите кои им стојат на патот.
Брутални, сурови, без морални вредности кои само би ги влечеле надолу, како огнена стрела се движат низ воздухот, а зад себе оставаат пустош.
Ако е потребно, за остварување на нивните цели, овие луѓе ќе убиваат, ќе мачат, ќе го користат страдањето на другите за остварување на сопствените цели, без трошка емоција кон сè што е човечко.
Раскољников прави огромна грешка верувајќи, или барем убедувајќи се себеси дека припаѓа на втората група луѓе.
Погрешна визија, која го води кон крвав пат од кој нема враќање назад. Извршува грозоморно двојно убиство, убиство кое засекогаш ќе го промени течението на неговиот живот и неговиот дух.
Првичната филозофија, дека припаѓа на оние „возвишените“, полека почнува да се распаѓа, го уништува дел по дел, ја искривува неговата реалност.
Казната за неговото брутално злодело во рамките на законот, ни одблизу не може да се спореди со онаа внатрешна казна која ја гори секоја пора од неговото тело и ум.
Човековата психа е најголемиот затвор. Затвор кој не може да се спореди со камените ѕидови во било која ќелија.
Безвременско дело, кое секој би требало да го прочита барем еднаш во својот живот. Дело кое никој нема да го остави рамнодушен, испишани страници кои допираат до најмрачните делови од душата.
Злосторството, направено од човековата рака, казната, одлежана во просториите на човековиот ум.

„Сликата на Доријан Греј“ од Оскар Вајлд
„Сликата на Доријан Греј“ е единствениот роман на ирскиот писател Оскар Вајлд. Првото издание на романот било објавено во 1890 година во списанието Lippincott’s Monthly Magazine.
Втората верзија, надополнета со шест нови поглавја, била објавена следната година.
Тонот на романот е готски и мрачен, на начин кој тивко, но сигурно ја расипува душата и во неа ја убива и последната врска со човечноста, моралот и последиците.
Истовремено, Вајлд пишува и со сардоничен тон. Тој е циничен и ироничен, студена насмевка која не е тука да го насмее читателот, туку да го прободе директно во срцето.
Пад на моралот, спакуван во тенка хартија на елеганцијата која го уништува главниот лик до самата срж.
Главниот конфликт во романот настанува кога Доријан Греј, ја „продава“ својата душа за да ужива живот на вечна младост.
Неговото тело останува недопрено, неговата убавина сјае уште повеќе, неговото присуство ги фрла сите останати во сенка на заборав.
Но, овде почнува да страда она што живее внатре во човекот, она што всушност и нè дели од сè останато на овој свет.
Полека, но сигурно, започнува смртта на душата. Ѕверско уништување на човечноста, гнилеж кој смрди однатре и се испишува врз портретот кој е скриен во мракот како најголемиот срам, на чие платно живеат сите гревови на главниот лик.
Портретот е огледало на неговата душа, неговата расипана внатрешност, неговата реалност од која сака да побегне, но не може.
На крајот, секоја личност е принудена да се соочи со сопствените демони и да ја погледне вистината во очи, колку и да е таа сурова, болна, неприфатлива, неподнослива.
Маестрално дело кое ме остави без зборови. Дело кое вреди да се прочита, дело чија порака мора суштински да се разбере и прифати.
Убавината и младоста никогаш нема да бидат дел од вечноста. Течат и заминуваат заедно со времето, не фрлајќи ни еден поглед назад. Она што останува и е важно е душата.
Не смееме да дозволиме таа да потоне во морето на искривените морални вредности, негрижата за своите постапки и како тие влијаат на другите, злото кое копнее да нè извалка и упропасти.

„1984“ од Џорџ Орвел
„Илјада деветстотини осумдесет и четврта“ односно „1984“ е дистописки роман напишан од страна на англискиот писател Џорџ Орвел, објавен во 1949 година.
Тонот на делото е мрачен, песимистички и суров. Дава јасна слика за тоа каков би бил светот доколку тоталитаризмот целосно надвладее, човекот ја изгуби својата индивидуалност, каде и најмалиот обид за отпор е осуден на пропаст.
Брутален свет на суровост каде човекот е сведен на ништо, владата ја има целосната контрола над сè, смртта се крие зад секој агол, јазикот како средство за комуникација е ограничен од страна на оние кои стојат во сенка и контролираат сè и секого.
Дејството се одвива во далечна иднина во 1984 година, година за која и самиот протагонист не е сигурен.
Светот е речиси целосно уништен, како последица од децении долги војни, немири, конфликти.
Главниот лик Винстон Смит го живее својот живот во Океанија, една од трите тоталитарни држави кои постојано се во меѓусебна војна.
Со Океанија владее таканаречената Партија под водство на Големиот Брат, култна фигура на која се покоруваат сите.
Партијата создава нов јазик, наречен Newspeak, кој е креиран за целосна контрола над населението и несомнено ја шири пропагандата на самата Партија, додека луѓето се сведени на марионети под постојан надзор и животна закана.
Во целиот овој хаос и свет на терор и ограничувања, Винстон Смит се обидува да ја задржи својата индивидуалност, првично свртувајќи се кон сопствениот внатрешен свет и мисли, запишувајќи сè во својот таен дневник.
Самиот акт на пишување е бунт против Партијата и обид да се земе судбината во свои раце.
Пишувајќи и критикувајќи, тој се обидува да ја зачува својата индивидуалност и да ја согледа реалноста онаква каква што навистина е, наспроти искривената реалност која ја прикажува Партијата.
Иако знае дека секој негов следен чекор би значел крај за него, тој не се откажува и продолжува да ја бара вистината и смислата.
Продолжува да размислува критички, да ја бара слободата на место каде таа е забранета.
Да ја бара љубовта, каде телото и емоциите се под контрола на режимот. Во него гори желбата за свој живот, свои сопствени мисли и свои вистини.
Орвел напишал генијално дело кое и ден денес се смета за една од највлијателните книги во светската литература.
Ни покажува колку застрашувачки може да биде светот доколку во него владее тоталитаризам, индивидуалноста е целосно избришана, а критичката мисла е забранета.
Свет во кој индивидуата е сведена на ништо, на обичен послушник без право на свој идентитет, не е вистински свет. Тоа е пекол на Земјата.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
