Шест љубовни романи, идеални за сите непоправливи романтичари
Во некои ликови ќе се заљубите веднаш, други ќе ви бидат помалку симпатични, но ќе им дадете шанса да ве освојат како минувате низ страниците на овие книги.

За сите што ја слават љубовта, денес имаме шест предлог романи кои вреди да ги прочитате.
Не мора да сте во врска, не мора ни да сте во потрага по љубов за да ја славите љубовта - а тоа може да го направите и читајќи една од овие шест книги.
Во некои ликови ќе се заљубите веднаш, други ќе ви бидат помалку симпатични, но ќе им дадете шанса да ве освојат како минувате низ страниците на овие книги.
Па, ако сте непоправлив романтичар, ова се предлог книгите за вас:
„Рок на траење“, Ребека Серл
Дафне Бел верува дека универзумот има план за неа. Секогаш кога ќе запознае маж, добива ливче хартија со неговото име и број - точното времетраење на нивната врска.
Знаеше дека со Мартин во Париз ќе има три дена, пет недели со Ноа во Сан Франциско, три месеци со Хуго (нејзиното поранешно момче а сега најдобар пријател)… и уште многу други во текот на дваесет години.
Потоа треба да има состанок на „невидено“ со Џејк - а на ливчето го пишува само неговото име. Нема број. Нема крај. Дали конечно е дојдено нејзиното „засекогаш“?
Но како што се развива нивната приказна, Дафне почнува да се сомнева во судбината.
Што ако молкот на ливчето не е ветување за среќа, туку предупре дување? Особено кога таа крие тајна што може да уништи сè.

„Летниот непристоен предлог“, Вај Киленд
Го запознавам на состанок на слепо. Макс Јервуд е неверојатно згоден и забавен и ги има најубавите дупчиња на образите. Хемијата меѓу нас е неспоредлива…
Но во тој миг доаѓа личноста со која, всушност, требало да се сретнам. Какво разочарување!
Пред да си замине, Макс ми остава билет за хокејски натпревар. Се обидувам да уживам во состанокот со договорениот маж, но никако не можам да престанам да мислам на Макс.
Одејќи си, одлучувам да отидам на натпреварот и да си ја пробам среќата. Но седиштето до моето е празно!
Во мигот кога се свртувам да си одам, еден од тимовите дава гол и целата публика спобудалува.
На екраните го даваат лицето на играчот што го постигнал голот. Иако носи кацига, се стаписувам кога се насмевнува - нема шанси да ги утнам тие дупчиња на образите.
Не ме поканил заедно да гледаме натпревар, туку да го гледам како игра.
Така започнува нашата луда авантура, со многу смеа, секс и нови предизвици.
Но има еден проблем - Макс се сели во нов тим за неколку месеци. Ми предлага да го поминеме летото заедно и да ми помогне да го заборавам бившиот.
Може ли врската да стане сериозна кога е со рок? Планот не е лош, но знаете што велат за плановите…

„Волшебниот прстен“, Хедвиг Курц-Малер
Во оваа прекрасна љубовна сторија, авторката Хедвиг Курц-Малер ќе го употреби волшебниот прстен со помош на кој е можно да се открие карактерот на соговорникот.
Каменот на прстенот се замаглува секој пат кога ќе се појави злобна личност.
Тоа ќе му помогне на Џералд да прогледа и да се воздржи од својата љубов кон завидливата убавица Беатрикс, а да ја засака добрата Романа.
Романа Нордег од мајката наследила голем имот, а нејзиниот татко станувајќи вдовец се оженил со вдовица што ќе го упропасти со многу трошење.
За неколку години сосема ќе банкротира, ама тоа го крие од својата сопруга. За неговата фабрика да не падне под стечај, му помага ќерката со својот имот и ја откупува фабриката.
Сега таа е сопственичка на фабриката и куќата во која живее со таткото, неговата сопруга и со нејзините две деца од првиот брак.
Таткото наскоро умира и сега започнува заплетот. Џералд, роднината на маќеата долго престојувал во Индија.
Има верен слуга, што животот би го дал за него. Тој е богат, убав и возрасен господин…

