Три нови романи, кои ќе ве држат во неизвесност до последната страница
Три различни приказни, три различни теми, а сепак доволно интригантни за да ви го задржат вниманието од првата до последната страница...

Ако барате ново четиво кое ќе го читате во ноември, тогаш изберете една од овие три книги - моќни, со силни ликови и вешто раскажани приказни.
„Овие тивки, темни води“ од Кристина Мекдоналд
По насилен упад во домот, Нев Мегваер се враќа со својата ќерка на Црното Езеро, во нејзината летна куќа од детството, надевајќи се на нов почеток.
Но, кога ќе биде пронајдено безживотно тело на жена како плови меѓу трските во езерото зад нејзината куќа, таа стравува дека направила ужасна грешка.
Нев крие тајни, а детективката Џес Ламберт го претчувствува тоа. По нејзината лична трагедија која ѝ се случила неодамна, Џес знае како е да се живее со засрамувачко минато и сигурна е дека и Нев крие нешто такво.
Кога ќе биде пронајдено тело и на друга жена, Џес и Нев се принудени да се соочат со страшната вистина - дека темнината од минатото ги чека.
А тајните на Црното Езеро допрва почнуваат да излегуваат на површина.
Двете жени водат битка со мрачната вистина додека убиецот се одмаздува за гревовите од минатото.

„Каде што почнува небото“ од Рис Боуен
Рис Боуен, раскажува приказна за иднината на една жена, и втората шанса што ја добива таа за време на Втората светска војна.
Лондон, 1940 година - паѓаат бомби, а светот на Џази Бенкс се руши околу неа.
Таа не може да го контактира својот заштитнички настроен сопруг, Стен, бидејќи е заминат со војската, домот им е урнатини и пепел.
И сопственичката на чајџилницата, каде што работи Џози, загинува, а таа е повредена и нема каде да оди.
Ја евакуираат во село во Англија, и таа завршува на имотот на аристократката г-ѓа Харкорт, незгодна жена која станува домаќинка на преживеаните.
Одушевена од прекрасните глетки на село, Џози ја убедува г-ѓа Харкорт да ѝ дозволи да отвори скромна чајџилница, гледајќи го тоа како шанса сите да почнат одново.
Штом ќе го сретне Мајк Џонсон, згоден канадски пилот на служба во соседната авионска база, меѓу нив се јавува интимност која ѝ носи внатрешен мир што никогаш не го почувствувала. Но, Стен се враќа од војна.
Опасноста што демне е поголема отколку што некој би можел да замисли. Опасна тајна се заканува повторно да го преврти животот на Џози.

„Без здив“ од Линвуд Баркли
Една ноќ, кога неговата сопруга Бри ќе исчезне од нивниот дом, без да биде повторно видена, луѓето претпоставуваат дека Ендрју сакал да се ослободи од неа, па ја убил.
И покрај тоа што полицијата нема доволно докази да отвори случај против него, пријателите и соседите го напуштаат.
Шест години подоцна животот на Ендрју се враќа во нормала, тој има нова девојка.
Кога неговата стара куќа е срамнета со земја и одново изградена, тој воопшто не е загрижен - животот е убав.
Но еден ден, жена која личи на Бри се појавува на нивната стара адреса, викајќи: „Каде е мојата куќа? Што се случило со мојата куќа?“, пред да исчезне исто толку брзо колку што и се појавува.
Кога мрачните сомнежи повторно излегуваат на површина, иднината на Ендрју зависи од откривањето на вистината.

А. Ј. | Црнобело
