Охрабрувачки книги од македонски родители, напишани за нивните деца со попреченост
Таткото на Марко Пејчиновски, пливачот кој има ретка болест - некроза на ногата; психологот Амела Мемиш Апостоловска чиј син Леон има аутизам; мајките Мимоза Петревска Георгиева и Емилија Георгиевска Наневска кои споија приказни на 15 деца со попреченост... сите тие своите искуства ги преточија во инспиративни книги кои вреди да ги прочитате.

Многу Македонци кои имаат деца со попреченост или ретки болести, често зборуваат јавно во името на своите најмили, споделуваат искуства, мотивирачки пораки и преку личните искуства, се обидуваат да ги охрабрат другите родители, да им бидат поддршка и поттик во нивната лична борба.
Но, има и такви кои своето искуство го преточија во книги, во инспиративни и охрабрувачки дела кои вреди да се прочитаат.
Затоа, овој пат, наш избор се три книги напишани од македонски родители, а посеветени на нивните деца.
„Во чекор со судбината“ - Тони Пејчиновски
Тони, таткото на Марко Пејчиновски, нашиот 20-годишен пливач, кој има ретка болест, некроза на ногата, објави книга со сведоштво за неговата животна приказна, насловена, „Во чекор со судбината“.
Насловот на книгата претставува апстрактен поим за реална животна сторија, приказна за борба со непредвидливите искушенија што ги носи животот, а кои често ги припишуваме на судбината.
Книгата не е мотивациска литература, туку искрен запис за соочување со реалноста, за непомирување и непотклекнување пред околностите.
„Во ‘Во чекор со судбината’ се опфатени лични подвизи и падови, години исполнети со препреки и искушенија, загубата на мајка ми, како и животните лекции што произлегуваат од тие искуства.
Приказната е раскажана без разубавување, низ перспективата на татко кој ја документира борбата, растењето и животниот пат на својот син“, вели Марко за книгата, чиј главен протагонист е самиот тој.
Оваа книга е самостојно издание и нема издавачка куќа, па истата е достапна за нарачка исклучиво преку директен контакт на телефонот 077/844-233 или преку контакт на неговите профили на социјалните мрежи.

„365 денови во светот на Леон - Патување со аутизмот“ - Амела Мемиш Апостоловска
Оваа книга е дневник составен од 365 текстови, по еден за секој ден од годината, кои ја прикажуваат уникатната приказна на Леон, детето кое успеа да го надмине најтешкиот степен на Аутизам и сега е момче со Аспергеров синдром, високо функционална форма со фотографска меморија, и за неговото патување низ животот.
Книгата е наменета за родителите, наставниците, терапевти и сите кои сакаат да разберат како децата со аутизам го гледаат светот, како се борат со предизвиците и како љубовта, упорноста и поддршката можат да направат разлика.
Секој текст е краток, топол, но силен и инспиративен, составен од реални моменти, емоции и искуства во светот на Леон. Текстовите се поделени тематски за подобар тек на читањето: Леон и светот; Семејството - Вежби и љубов со мама, тато и дада, Учиме заедно - Вежби и развој; Инклузија - Приказни од училиштето; Борбите и малите победи и Понатамошните денови...
Целта на оваа книга е да биде извор на надеж и мотивација за родителите на деца со аутизам, прирачник со алатки и техники за секојдневна поддршка на детето, потсетник дека различноста е убавина и дека секое дете заслужува да биде видено, прифатено и сакано, совети за родители и наставници како да бидат поддршка на децата со аутизам.

Живот вреден за живеење“ - Мимоза Петревска Георгиева и Емилија Георгиевска Наневска
Книгата „Живот вреден за живеење“ во себе има порака дека различноста носи предност.
Таа содржи исповеди на 15 семејства кои имаат деца со пречки во развојот, а кои живеат во Македонија.
Двете авторки и самите се мајки на деца со попреченост, па во книгата и тие ги раскажуваат нивните лични судбини и тоа преку разговор со родителите и роднините на останатите деца.
Во овие 15 приказни се опфатени кои имаат деца со различни попречености - Даунов синдром, церебрална парализа, аутизам, ретки болести…
И фотографот на книгата, Драго Неделчевски, има дете со пречки во развојот, што дополнително ја засилува пораката што сакаат да ја пренесат авторките на книгата.

А. Ј. | Црнобело
