Три психолошки книги кои ќе ви го „разбистрат“ умот и вреди да ги прочитате
Тројца различни автори и три психолошки книги - сите поинакви, но сепак исти по тоа што ќе ве натераат да погледнете кон себе и да размислувате за некои битни прашања.

Психолошките и мотивациски книги или ги сакате, или не - средина не постои.
А оние луѓе што ги читаат, тврдат дека повеќето вакви дела им влијаеле позитивно.
Ако сметате дека ви треба позитивна промена, нешто да ви го разбистри умот или да ве мотивира, прочитајте ги овие книги.
Фокусирај се на она што е важно, Дариус Форо
Зошто е толку тешко да се живее добро среде хаосот и бучавата? Иако можеби мислите дека ова е проблем на современиот свет, тоа прашање постоело отсекогаш.
Пред 2000 години, античките стоици зборувале за истите предизвици со кои се соочуваме денес, како на пример: Како можеме да најдеме внатрешен мир? Што е потребно за да бидеме среќни? Можеме ли да станеме поотпорни?
Одговорите можат да се најдат во филозофијата на стоицизмот, филозофија која авторот Форо ја користи од 2014-та година за да го промени својот живот и кариера.
„Фокусирај се на она што е важно“ е збирка од 70 писма што ги напишал во однос на различни аспекти на животот - среќата, богатството, здравјето, меѓучовечките односите и многу повеќе.
Овие писма, инспирирани од оригиналните дела на стоичкиот филозоф Сенека, служат како потсетници за да се фокусираме на вистинските работи во нашиот хаотичен живот.
Целта на оригиналните „Писма од еден стоик“ од Сенека била да ги сподели стоичките идеи со својот пријател Луцилиј, кој имал хедонистички тенденции и живеел доста брз живот.
„Фокусирај се на она што е важно“ ќе ви покаже едноставни мисловни вежби за да станете отпорни и фокусирани, како да живеете во сегашниот момент секој ден, автентични стоички вредности за живот исполнет со среќа, начин да изградите поголема дисциплина.
Накратко, оваа книга ќе ви помогне да живеете добро, и покрај предизвиците на секојдневниот живот.

Завладејте со својот фокус, Тибо Морис
Она кон коешто ќе го насочиш фокусот на вниманието, ќе ја определи твојата иднина.
Зошто фокусот е толку моќен? Тој функционира како секира. Ако се обидете да сечете дрво удирајќи го на илјадници различни места, никогаш нема да успеете.
Но ако се фокусирате и удирате постојано на исто место, можете да го пресечете дури и најголемото дрво. Со остар фокус, можете да постигнете речиси сè што посакувате.
Авторот и тренер за личен развој Тибо Морис, ќе ви покаже како да го изострите својот фокус за да ги остварите најголемите цели.
Ќе откриете што е вистинска продуктивност (и како да завладеете со неа), кои се трите вида фокус и како точно да ги развиете, како да престанете да скокате од една на друга обврска без да завршите ништо, и со сето тоа - да бидете ефикасни во секој поглед.

Сто и една лекција што ќе ни го сменат начинот на размислување, Бријана Вист
Среќата не е во тоа колку нешта правиме, туку колку добро ги правимe.
Мора да бидете најсрдечни кон себе тогаш кога ви се чини дека најмалку го заслужувате тоа. Оваа книга ќе ви помогне да бидете искрени кон себе и гордо да застанете пред огледалото соочувајќи се со она што сè се крие зад вашиот одраз.
Светот ќе ви покаже толку добрина колку што вие ќе си покажете себеси, а не колку што заслужувате. Време е да се ослободите од сите заблуди за тоа како треба да го гледате светот и како светот ве гледа вас.
Ова не е обична книга што само се чита, туку и богато искуство што поттикнува на самопроучување и отворање кон позитивни промени.
Таа е длабоко, филозофско согледување зошто треба да ја следите целта со страст, да го прифатите негативното размислување, да ја видите мудроста во секојдневната рутина и да станете свесни за сè што ви го одредува животот.
На крај, ќе сфатите дека ви го променила начинот на кој размислувате, вашиот живот и вашиот светоглед.

А. Ј. | Црнобело