„Ова e за моето внатрешно дете кое си ги ставило соништата на пауза“ - Васил Божикалиев за својата нова книга „Кабаре Иммортале“

„Авторот многу добро ја демонстрира линијата што ја разделува „нормалноста“ од „патологијата“. Ликовите, всушност, врескаат за сопствената слобода исмејувајќи ги фобиите, опсесиите и сексуалните импулси на другите. Само во кабарето е дозволено да се биде искрен, несовршен, ранлив човек“ - стои во рецензијата за третата книга на Васил Божикалиев од Велес, „Кабарé Иммортале“. 

ova-za-moeto-vnatreshno-dete-koe-si-gi-stavilo-sonishtata-na-pauza-vasil-bozhikaliev-za-svojata-nova-kniga-kabare-immortale-01.jpg

Васил Божикалиев (1992, Велес) е магистер по електротехника и информациски технологии и автор со интерес насочен кон поезијата и изведбените уметности.

Со пишување започнува уште од рана возраст, а во текот на основното и средното образование објавува две стихозбирки: „Каменолом во мене“ (2007) и „Борци низ прозорци“ (2010). Добитник е на многубројни награди на литературни конкурси и ученик-првенец на својата генерација.

Паралелно со литературното творештво, активно учествува во училишни театарски продукции како автор, актер и режисер.

Во 2008 година ја пишува и ја поставува театарската претстава во стихови „Воскресение Рациново“, по повод патрониот празник на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ во Велес, во која ја толкува и улогата на Рацин. Во 2009 година следи претставата „Урнебес“, во која повторно се појавува како автор, актер и режисер.

Во поновиот период останува активен со пишувањето преку социјалните медиуми, каде под псевдонимот Парчиња душа креативно се изразува на македонски и англиски јазик.

Во 2025 година ја основа истоимената Инстаграм-страница (@_pieces.of.a.soul_),  која за кратко време привлекува публика од над 5.000 следбеници.

„Кабарé Иммортале“ е негова трета книга и прва објавена како возрасен автор, со цел делото во блиска иднина да биде поставено и на театарска сцена.

Книгата може да се набави во книжарниците на Збор или преку нивната онлајн продавница.

ova-za-moeto-vnatreshno-dete-koe-si-gi-stavilo-sonishtata-na-pauza-vasil-bozhikaliev-za-svojata-nova-kniga-kabare-immortale-04.jpg

Авторот Васил Божикалиев за своето дело вели: 

„Овој текст го напишав во 2014 година, во време кога менталното здравје сѐ уште беше табу тема.

Денес, сите зборуваме за ментално здравје, а многумина од нас активно работат на негово подобрување и одржување.

Веројатно конечно сфативме дека тоа е исто толку важно колку и физичкото здравје, и дека всушност се меѓусебно поврзани и зависни.

Низ годините, текстот го испраќав на бројни конкурси и поединци, и генерално бев одбиван.

Сега е поинаку, текстот навистина добро созреа и е релевантен повеќе од кога било.

Така, тој наиде на издавачката куќа „Збор“, каде што неговата вредност беше препознаена и прифатена.

За мене, „Кабарé Иммортале” е враќање кон себеси и кон своето внатрешно дете. Моето дете отсекогаш сакало да пишува, игра, пее, глуми, режира. Едноставно, да се радува на животот.

ova-za-moeto-vnatreshno-dete-koe-si-gi-stavilo-sonishtata-na-pauza-vasil-bozhikaliev-za-svojata-nova-kniga-kabare-immortale-03.jpg

Но, поради различни причини, тоа дете си ги беше ставило соништата на пауза. А кога е подобро време за остварување на сопствените соништа отколку сега?

Кабарето како слободен простор за игра на возрасните, станува сѐ поактуелно. Тоа значи дека има простор и за овој текст и за сите сонувачи како мене кои никогаш не се откажуваат. Напротив, цврсто веруваат во себе, се борат за својата визија и сами создаваат места во етерот.

Затоа, ве поканувам покрај оро, да завртиме и едно кабаре. Може и по дома, со свеж примерок од книгата. Па да се насмееме, разиграме и расплачеме заедно. Чунки луѓе сме. А луѓето треба да го слават животот“.

Рецензија за „Кабарé Иммортале“

Благородна Димова, психолог и психотерапевт - @psychodrama.therapist

ova-za-moeto-vnatreshno-dete-koe-si-gi-stavilo-sonishtata-na-pauza-vasil-bozhikaliev-za-svojata-nova-kniga-kabare-immortale-02_2.jpg

Пишувањето за „Кабарé Иммортале“ го доживеав како покана за опасен танц на работ од бездната. Делото е повеќе од обичен драмски текст во стихови, ова е психолошки пејзаж на современиот човек, фатен помеѓу нагонот за хаос (кабарето) и потребата за ред (психијатрискиот симпозиум).

Како психолог, во овој текст видов храбар уметнички израз на она што во нашата професија понекогаш го нарекуваме „сенка“ - сè она што потиснуваме, а кое на крајот излегува на површина кога светлата ќе се изгаснат.

Делото започнува со сурова иронија. Заштитниците на менталното здравје, психијатрите, излегуваат од својата професионална улога, само за да влезат во улогата на своите клиенти. Ова не е само сатира, туку длабока илустрација на контратрансферот.

Авторот многу добро ја демонстрира линијата што ја разделува „нормалноста“ од „патологијата“. Ликовите, всушност, врескаат за сопствената слобода исмејувајќи ги фобиите, опсесиите и сексуалните импулси на другите. Само во кабарето е дозволено да се биде искрен, несовршен, ранлив човек.

Јазичните обрасци се впечатливи, не само преку циничните рими и медицинскиот жаргон; тие, исто така, се користат за да го покажат и нивото на тривијализација на човечкото страдање, но и како алатка за обработка на големите предизвици со кои се соочуваме ние луѓето.

Ова уметничко дело носи зрак светлина преку танцот, симболизирајќи дека вистинската слобода може да се постигне само преку себеприфаќање.

„Кабарé Иммортале“ е храбро, сурово, лековито дело, доволно провокативно и контролиранo, со голема визуелна и сценографска моќ, достојно за храбра режисерска визија. Нè соочува со фактот дека сите сме „за на психијатар“, но и дека сите го носиме лекот во себе. Авторот вешто нè води од патологија до поезија, од дијагноза до достоинство.

Како психолог, го препорачувам ова дело на секој што се осмелува да погледне под површината. Ова е текст за оние кои знаат дека вистинската слобода не е во отсуството на „лудило“, туку одлучноста да се танцува со него до самиот крај“.

ova-za-moeto-vnatreshno-dete-koe-si-gi-stavilo-sonishtata-na-pauza-vasil-bozhikaliev-za-svojata-nova-kniga-kabare-immortale-05.jpg

Би можело да ве интересира:

Три лесни книги кои ќе ви го задржат вниманието и во најголемите жештини За некои летото е идеално време за читање, на други им е многу тешко да фатат кн...
Каролина - книга на англиски јазик, Лила - лесен роман: Што читаат познатите Македонци во лето 2025?... Што читаат Каролина Гочева или Ивона Јо ова лето? Погледнете кои книги ги сподел...
Љубица од Гевгелија има библиотека со над 500 книги - Кои три ѝ се омилени? „Првите книжевни солзи ги пролеав читајќи ја 'Колибата на чичо Том'. Моето детск...
Анита од Берово е криминалист со страст за читање - Има 300 книги, кои пет ѝ се омилени? „Јас сум од генерацијата што немаше телефони, па љубов кон книгите е од почетоко...
Драгана Стратијева, автор на „Додека кафето не се излади“: „Добивав пораки од жени што не сум ги зап... Во еден момент сфатив дека луѓето не ги паметат зборовите затоа што се убаво нап...
5 одлични дела без кои не треба да си заминете од Саемот на книга 2026 Кои книги вреди да си ги набавите од годинешниот Саем на книга? Иако изборот е о...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg