5 одлични дела без кои не треба да си заминете од Саемот на книга 2026
Кои книги вреди да си ги набавите од годинешниот Саем на книга? Иако изборот е огромен, ова се 5 изданија, кои, се надеваме ќе ви го привлечат вниманието.

Саемот за книги секоја година нуди новитети и изданија кои се бестселери во светски рамки, но и книги од домашни автори кои се по вкусот на публиката.
Затоа, ако оваа година го посетите Саемот на книга, кој трае до 29 април во арената „Борис Трајковски“, ви нудиме неколку дела без кои не треба да си заминете.
Куќа од стакло, Сара Пеканен
Роуз Баркли е деветгодишно девојче, кое, веројатно, е сведок на убиството на нејзината дадилка и кое, во екот на жестоката бракоразводна битка на своите родители, престанува да зборува.
Стела Хадсон е адвокатка за најдобар интерес на детето, чијашто задача е да открие кој во семејството е жртва, а кој убиец.
Но како да ја открие вистината кога сите лажат?
Штом Стела ќе помине низ железната безбедносна порта и ќе зачекори во луксузната, зачувана куќа во стар стил на семејството Баркли во Вашингтон, сфаќа дека случајот е уште поизвртен отколку што претпоставувала, а самото семејство – многу порастроено.
И куќата е морничава – се што во неа било направено од стакло, е заменето со пластика.
Додека Стела се доближува до вистините кои Барклиеви очајно се обидуваат да ги скријат, опасноста се овкиткува околу неа како покров, а нејзините минато и сегашност се судираат на неочекуван начин.
Секој е осомничен за убиството на дадилката: мајката, таткото, бабата, момчето на дадилката. Дури и Роуз.
Дали личноста што Стела треба да ја заштити… е токму таа од која треба да се заштити?

Гоце Делчев: љубов и смрт, Зоран Спасов Ѕоф
Овој роман не е само приказна. Тој е повик.
Повик од минатото, од земја што илјада пати била распната и исто толку пати воскреснувала – во збор, во песна, во идеал и во љубов.
Меѓу реалноста и легендата, се проткајуваат животи што не познаваат смрт: Гоце, Ченто, Рацин, Вапцаров, Апостолски, Венко, Караманов…
Сите тие се дел од една иста мисла - дека татковината не е географија, туку совест.
Романот не ги прикажува овие личности како споменици, туку како луѓе. Со сомнежи, љубови, стравови и избори.
Ова е битов роман: тивка хроника на куќи, улици, училишта, кафеани и некажани љубови.
Историјата овде не е апстрактна. Таа се живее.
Приказните не се напишани за да ја променат историјата, туку за да им дадат глас. На убиените.
На протераните. На оние кои никогаш не престанале да ја љубат Македонија.
Гоце Делчев е јадрото на романот. Неговиот живот и неговата смрт се рамнотежа меѓу идеалот и трагедијата, меѓу пламенот и пепелта.
Неговата сенка чекори низ вековите и ги допира сите што ја продолжиле неговата мисла – не само со оружје туку со збор, со дело, со морал.
Од Баница до Скопје, од револуционерите до современиот човек, таа го носи повикот на Гоце: дека љубовта кон татковината не е омраза кон другиот, туку највисок облик на човечност.
Ова е дело што ќе ги подели читателите.
Некои ќе го доживеат како љубовно писмо, други како провокација, трети како морална исповед.
Но никој нема да остане рамнодушен.

