„Ништо случајно“ на Нина Ангеловска Станков промовирана пред преполна публика
Пред бројни гости, пријатели, соработници, претставници на бизнис-заедницата и јавноста, синоќа во Three Garden & Bar беше промовирана книгата „Ништо случајно“ на Нина Ангеловска Станков.
Промоцијата помина во одлична атмосфера и со голем интерес од публиката и посетеност. Присутните имаа можност да слушнат дел од приказните и пораките содржани во книгата, како и личната мотивација на авторката да ја напише.
На настанот, директорот на Издавачки центар ТРИ, Бојан Саздов, истакна дека „Ништо случајно“ уште пред официјалното излегување веќе бележи рекордни резултати во претпродажба и претставува еден од најуспешните издавачки проекти на ТРИ во последните години.
Во своето обраќање, Ангеловска Станков нагласи дека книгата е приказна за животен пат кој не бил однапред испланиран, но бил обликуван од подготвеноста да се препознаат и прифатат можностите.
„Многу често велиме дека ништо не е случајно. Верувам дека кај мене беше токму така. Работите доаѓаа навидум случајно, но всушност доаѓаа затоа што бев подготвена да ги препознаам. Затоа што работев за нив, креирав околина за тие можности да се појават и имав храброст да кажам ‘да’, дури и кога не знаев каде ќе ме однесе тоа ‘да’. Токму затоа оваа книга е приказна за подготвеноста, за изборите и за моментите што ни го менуваат животот“, истакна авторката.
„Ништо случајно“ е искрена и лична приказна која ги следи клучните поглавја од животот и кариерата на Ангеловска Станков – од детството и вредностите со кои израснала, преку основањето и развојот на Grouper, искуството како претприемач и лидер, периодот како министерка за финансии, па сè до животните лекции што ги донеле љубовта, семејството и мајчинството.
Низ пет тематски целини, книгата носи приказни за предизвиците, сомнежите, успесите и одлуките кои стојат зад јавните наслови и професионалните достигнувања. Нејзината централна порака е дека успехот не е резултат на случајност, туку на подготвеност, континуирано учење, истрајност и храброст да се прифатат можностите кога ќе се појават.
Од денес, книгата „Ништо случајно“ е достапна во сите книжарници на ТРИ, во останатите книжарници низ Македонија и онлајн на kniga.mk.
