Александра од Скопје обожава книги од македонски автори, во библиотеката има 600 дела - Кои 5 ѝ се омилени?
„Пасија ми се и книгите и филмовите. А со трендот во последно време, речиси секоја книга да има адаптација во филм и ТВ-серија, почнав да правам споредби. И само ми се потврди она што веќе го чувствував, а тоа е дека филмот или серијата никогаш не можат да ја надминат убавината на книгата“, вели Александра Крстевска за CRNOBELO.com.

Александра Крстевска од Скопје е креатор на букстаграм профилот @books_vsmovies.
Оваа страсна љубителка на книги има преку 600 наслови во својата домашна библиотека, а чита по 5-6 книги месечно.
Обожава домашни автори, а нема омилен жанр - сака да чита сè.

За својата љубов кон книгите и читањето, Александра ни раскажа:
„Името на букстаграм профилот дојде спонтано, од љубовта кон книгите и филмовите.
Отсекогаш сум ги гледала како „борба“ бидејќи пасија ми се и едното и другото, а со трендот во последно време, речиси секоја книга да има адаптација во филм и ТВ-серија, природно почнав да правам споредби.
Но само ми се потврди она што веќе го чувствував, а тоа е дека филмот или серијата никогаш не можат да ја надминат убавината на книгата.
Сепак, секоја адаптација ја доживувам како нова перспектива - начин повторно да ја проживеам приказната, но на поинаков начин.

На мојот профил има разновидна содржина, а особено сум горда што бев една од првите што им дадоа посебен простор на македонските автори преку проектот ‘На кафе и книга муабет со...’, каде во живо разговаравме со авторите за нивното творештво.
Неколку од нив се: Ана Антовска, Сандра Малетски, Катерина Шошко, Ксенија Николова, Оља Петрушевска Томева, Јордан Коцевски, Анде Јанков, Маја Симоновска и уште многу други.
Верувам дека поддршката на домашната книжевност е клучна за нејзиниот раст и затоа секогаш се трудам да им ја дадам на македонските автори.

Многу сакам да комуницирам со следбениците, па често креирам посебни групи кои се поврзани со предизвици, филмови и ТВ-серии, серијали на книги или мојата омилена група ‘Пауза од купување книги’, каде што заедно со следбениците се поддржуваме и мотивираме.
Целта на оваа група е да ги читаме книгите што веќе ги имаме дома и за кои често знаеме да се пошегуваме дека нѐ гледаат лути од полиците и нестрпливо чекаат да будат прочитани.
Токму оваа интеракција со луѓето ми е најголемата мотивација да продолжам со создавање содржина која е интересна и разновидна.

Омилен жанр немам, бидејќи за мене книгата не се дели по жанр, туку по емоција.
Сакам да ме расплаче, насмее или, пак, налути. Најважно ми е приказната да остави трага и да ме натера да размислувам долго откако ќе ја затворам книгата.

Многу ми е тешко да одговорам на прашањето за омилените автори, бидејќи листата е долга.
Но ајде ќе набројам неколку: Кристин Хана, Колин Хувер, Ребека Јарос, Крис Картер, Донато Каризи…

Љубовта кон книгите ја наследив од мојата постара сестра која читаше многу.
Се сеќавам дека на факултет имаше испит каде што требаше да прочита многу книги (Педагошки факултет) и бев сигурна дека и јас кога ќе пораснам сакам да студирам на истиот факултет само поради причината дека ќе читам по цели денови, но на крај излезе да завршам на Филолошкиот факултет, италијански јазик.

Првата книга што ме внесе во светот на читањето (а не е лектира) беше „Знаеш ли да чуваш тајна“ од Софи Кинсела.
Сѐ уште ја памтам содржината и дијалозите бидејќи беа многу забавни.
Мојата библиотека брои над 600 книги, читам околу 5-6 книги месечно, а купувам исклучиво книги на македонски јазик.
Во врска со тоа колку пари трошам на книги месечно само ќе одговорам: 3.000 денари можеби се многу за чевли или чанта, но за книги ми се малку. За некој е трошок, но за мене е патување, љубов, бегство и нов свет во раце“.
