Софија Јанева (32) е дел од книжевен клуб во Скопје: „Се собираме еднаш месечно, секој член може да предложи книга за читање“
„Книжевниот клуб постои околу 4 месеци. Во моментов брои 35 членови и секој месец ни се приклучуваат нови љубители на книгите. Дискусиите се секогаш интересни бидејќи читаме различни жанрови и секој носи свое гледиште“, вели Софија Јанева, која препорача и 3 свои омилени книги за читателите на CRNOBELO.com.

Нашата инфлуенсерка Софија Јанева има голема страст за која знаат сите оние што ја следат на Инстаграм - таа обожава да чита.

А оваа љубов е толку голема, што Софија неодамна реализираше една своја желба - таа создаде книжевен клуб во Скопје, кој е еден од малкуте што постојат кај нас.
Книжевниот клуб нема име, вели таа, туку едноставно си го нарекуваат The Book Club.

Таа и неколку девојки истовремено читаат иста книга, за која претходно се договориле дека ќе биде книга на месецот, а потоа, се сретнуваат, разговараат за книгата, разменуваат мислења, се дружат, и секако - ја избираат книгата за следниот месец.

За книгите што ги чита, за книжевниот клуб, но и кои 3 книги ѝ се омилени и би ги препорачала на сите да ги прочитаат, Софија раскажа за CRBOBELO.cm:
„Љубовта кон книгите ми се роди уште во основно училиште.
Првата серија книги што навистина ме вовлече во светот на читањето беше „Хари Потер“.

Ги прочитав сите делови неколкупати и токму тие книги ми покажаа колку силно една приказна може да те пренесе во друг свет.
Оттогаш читањето стана мој омилен начин за одмор, бегство од секојдневието, но и начин постојано да учам и да доживувам нови приказни.

Омилени жанрови ми се фантазијата, научната фантастика и романсата, иако не се ограничувам само на нив.
Ако некоја книга ми го привлече вниманието, без разлика на жанрот, со задоволство ѝ давам шанса.
