Највпечатливи моменти на Евровизија 2025: Српскиот пејач го влечеа по сцена, песната на Дарко Димитров не влезе во финале
Настапот на Израелката беше проследен со контроверзии, ниедна поранешна ЈУ република не се пласираше во финалето, водителките и оваа вечер беа недопадливи. Што се случуваше на второто полуфинале на Евросонг 2025?
Вчеравечер во Базел, Швајцарија, се одржа второто полуфинале на 69-тата Евровизија. Македонија, иако немаше свој претставник, на музичкото шоу сепак беше претставена преку Дарко Димитров, кој годинава работеше на црногорската песна, на пејачката Нина Жижиќ.
Но, ни Црна Гора, ни Србија не се пласираа меѓу 10-те финалисти, па оваа година ниту една земја од поранешна Југославија нема да пее во големото финале.
Претходно, во првото полуфинале не поминаа ни Хрватска, ни Словенија.
Второто полуфинале беше за нијанса поинтересно од првото, со поубави песни, но и со одлични сценски настапи.
Гледајќи ја Евровизија, се добива впечаток дека претставниците на сите земји навистина вложиле многу во својот настап и впечатокот што ќе го остават на сцената.
Па, така, српскиот претставник Принц од Врање, се појави придружуван од четворица танчари, кои на крајот го влечеа за нозе по сцената, додека пееше.
Во текот на преносот на екранот се појави транспарент со порака „Крвави ви се рацете“, а беше посветен на Србија и политичката ситуација во земјата.
Ни овој пат не недостасуваа разголени мажи, па претставниците на Ерменија и Австралија не ја пропуштија можноста да ги покажат своите убави дефинирани, мускулести тела.
Не изостанаа ни песните со сексуална конотација - австралиската Milkshake Man и финската Komme.
Контроверзии имаше и со претставничката на Израел (исто како и лани) - Јувал Рафаел добиваше закани, а дури и минатогодишниот победник Немо, побара да се исклучи од натпреварувањето, поради конфликтот на нејзината земја и Газа.
На второто полуфинале, во ревијалниот дел настапија четири артисти кои не успеаја да ги испеат своите евровизиски песни во 2020 поради епидемијата со короната и затворените граници во светот во тој период, па сега првпат ги претставија своите песни на големата сцена.
Водителките и вчеравечер беа просечни и како да им недостасуваше природниот шарм кој го имаат повеќето евровизиски водители низ годините.
Но интересно беше претставувањето на евровизиските фанови, кои навистина живеат за овој настан и како да дишат за Евровизија.
Камерите на шоуто „влегоа“ во нивните домови и снимија интересни моменти - предмети што фановите си ги чуваат од Евросонг, вклучително и конфети што се фрлаат во салата, влезници за шоуата и слично.
Ова беше провокација за водителките (кои претходно со метли ја чистеа сцената), да им дадат неколку „крлушки“ кои испаднале од фустанот на едната од нив (Хејзел Бругер), за да ги сочуваат во својата соба со евровизиски спомени.
Поради фустанот, Хејзел на Твитер ја споредија и со риба.
Во вчерашното полуфинале од 16 земји учеснички, 10 влегоа во финалето и тоа: Литванија, Израел, Ерменија, Данска, Австрија, Луксембург, Финска, Летонија, Малта и Грција.
Нивните настапи погледнете ги на следната страница...
Би можело да ве интересира:





