Тамара навистина постоела – Која е љубовната приказна зад хит-песната на Борис Новковиќ?
Ko mi tebe uze, Tamara? Prodala si suze drugima... Си ја запеавте, нели? Знаете ли дека Тамара не е измислено име во песната? Навистина постоела, а приказната зад баладата е невозвратена љубов. Девојката се препознала во текстот и му се заблагодарила на Борис Новковиќ што ѝ ја посветил.

Хрватскиот пејач Борис Новковиќ ја отпеа песната „Тамара“ во 1986-та, а препознатливите стихови „Ko mi tebe uze, Tamara“, станаа хит и се пеат до ден-денес.
Но, многумина не знаат дека зад една од најубавите балади на екс-ју просторот, се крие всушност вистинска љубовна приказна, која немала среќен крај.
И да, Тамара навистина постои и не е измислена.
Песната е настаната кога пејачот имал околу 17 години, а Тамара била девојка во која другар на Борис бил многу заљубен, но љубовта не била обострана.

Во тоа време, Борис се обратил за помош при пишување текст кај пријател кој му излегол во пресрет.
„Се сетивме на еден другар што беше луд по една Тамара. Секакви работи изведуваше за неа. Падна од мотор за неа, падна во училиште, но на крај ништо не му помогна...“- открил во една прилика тој.
Другарот многу страдал по саканата Тамара, а Борис своевремено знаел каде е и што прави девојката што е инспирација за песната и споделил дека има три деца.

Всушност, уште во времето кога излегла песната, таа се препознала во неа, па му се јавила и му оставила говорна порака во која му се заблагодарила што ѝ посветил текст на неа.
Песната стана негов личен печат, а и по речиси 40 години, не му здосадило да ја изведува нумерата, која дури и денешната младина знае да ја отпее, иако не биле ни родени кога настанала.
Потсетете се на песната:
М. М. | Црнобело
