Џокси сними видео за „На Велигден“ - најпрепознатливата празнична песна со нова верзија
Една од најпрепознатливите празнични песни, „На Велигден“, доби нова, современа верзија проследена со емотивен видео запис, снимен во духовна атмосфера во црквата Св. Димитрија во Скопје.

Проектот е реализиран со посебна почит кон традицијата и значењето на празникот, со цел да се задржи автентичната емоција на песната, но и да ѝ се даде нов визуелен израз што ќе допре до публиката.
Видео записот е изграден без присуство на ликови, фокусирајќи се на симболиката на светлината, свеќите, иконите и просторот на храмот, создавајќи мирна и длабока духовна атмосфера.

Во краток период по објавувањето, спотот предизвика бројни позитивни реакции и споделувања на социјалните мрежи, што укажува дека публиката ја препознава искреноста и пристапот кон ова дело.
Со оваа верзија, „На Велигден“ добива нов живот, задржувајќи ја својата суштина и продолжувајќи да живее како дел од празничната традиција.

„По повод 130 години од изградбата на храмот „Св. Димитрија“ – Скопје, ми претставува особена чест да ви ја преставам новата а капела верзија на песната „На Велигден“, реализирана во соработка со студискиот хор на TFT Production од Канада.
Оваа изведба е создадена како скромен, но искрен придонес кон одбележувањето на значајниот јубилеј – како музичка молитва што ја отсликува духовната димензија на празникот и континуитетот на традицијата низ времето.
Верувам дека песната со својата атмосфера и порака ќе најде свое место во вашите животи, особено во периодот на празничните денови, носејќи чувство на мир, надеж и духовна радост“, вели Џокси.
