Прават 3D концерти, обвиени се со мистерија: Факти за KRAFTWERK, пионерите на електронската музика кои ќе настапуваат во Скопје
Секој концерт на KRAFTWERK е надреален спектакл, неретко со 3D ефекти за кои требаат и 3D очила, а овој јули ќе имате можност да уживате во нивното шоу во Скопје.

Германскиот електронски бенд KRAFTWERK е основан во далечната 1970 година.
Основачи се Ралф Хитер и Флоријан Шнајдер и е меѓу првите кои успеале да го прослават овој музички жанр, па заслужено е нарекуван „пионер во електронската музика“.
Во текот на 1970-тите бендот се збогатил за уште два члена – Волфганг Флур и Карл Бартош – по што KRAFTWERK се претвора во легендарната група што ја знаеме денес.
Пет децении по основањето, KRAFTWERK уште се многу влијателни на електронската сцена, а летово ќе имаме можност да уживаме во нивно шоу и во Скопје.
Неколку забавни факти за легендарниот германски бенд:
Важат за еден од највлијателните бендови во светот
KRAFTWERK можеби ја немаат популарноста на The Beatles или The Rolling Stones, но никој не може да го оспори нивното влијание во модерната музика.
Заслужено ги нарекуваат највлијателниот електронски бенд во историјата, а нивното творештво било инспирација за низа популарни артисти.
Дејвид Боуви, Depeche Mode, New Order, Daft Punk и Pet Shop Boys се само мал дел од групите и музичарите во кои се забележува влијанието на KRAFTWERK.
Некогаш настапуваат како роботи
На бројни нивни концерти, кога ја изведуваат песната Die Roboter, на сцената не застануваат членовите на бендот, туку се појавуваат четири кукли кои личат на роботи.
Куклите се управувани со контролер, па шоуто изгледа како тие да ја пуштаат музиката.
Идејата зад овој уникатен концепт е тоа што членовите сакале да ја покажат врската помеѓу човекот и машините.
Или, како што има изјавено Ралф Хитер:
„Ние не сме роботи, ние сме музичари. Но, понекогаш роботите можат подобро да ја претстават нашата музика“.
Денес поретко ги користат роботите на сцена, но сепак ова е уникатен детаљ од нивните шоуа по кој станаа препознатливи.