Диџеј Babura Јunior сними свој музички сет на Ибица: „Сакав преку музиката да ги пренесам енергијата и духот на островот“
„Го снимив во една луксузна вила на Ибица, со неверојатен поглед кон Ес Ведра, едно од најпознатите и највпечатливи места на островот“, вели Babura Junior за CRNOBELO.com.

Јован Петрески публиката цели 16 години го знае под неговото диџеј име, DJ Babura Junior. Неговата приказна е изградена врз долгогодишната љубов кон музиката, посветеноста и желбата постојано да создава незаборавни музички моменти за публиката.
„Уметничкото име DJ Babura Junior произлезе од мојата желбата да продолжам една препознатлива музичка приказна, но и од огромната љубов, почит и инспирација што ги добив од мојот чичко, DJ Babura.
Токму неговото влијание беше еден од главните мотиви да тргнам по истиот пат и да го продолжам музичкото наследство на современ и автентичен начин“, вели тој за CRNOBELO.com.

Додавката Junior, пак, ја симболизира новата генерација и свежиот пристап кон диџеј сцената, и воедно претставува почит кон корените од кои започнала целата приказна и кон човекот кој ја разбудил неговата страст кон музиката.
Но, она што е најново кај DJ Babura Junior е музичкиот сет Ibiza Mix, кој тохј го промовираше неодамна, а го сними во луксузна вила на Ибица, еден од омилените летни острови на младите, место кое е синоним за „луди журки“.
За овој музички сет, тој ни раскажа во разговорот:
„По низата летни настапи на познати туристички дестинации како Сардинија, Крф и Ибица, конечно најдов време и добив инспирација да го снимам мојот нов диџеј сет, Ibiza Mix.
Го снимив во една луксузна вила на Ибица, со неверојатен поглед кон Ес Ведра, едно од најпознатите и највпечатливи места на островот.
Прекрасните пејзажи секогаш ми будат инспирација за создавање и снимање нова музичка содржина, а одамна имав голема желба токму таму да снимам еден ваков сет.
Ибица за мене е светски центар на електронската музика, местото каде што се случуваат најголемите музички настани и настапуваат најдобрите диџеј имиња, па затоа изборот беше сосема природен.
Сетот трае еден час и вклучува внимателно одбран избор на Afro House траки со летна атмосфера и позитивна енергија.
А и името Ibiza Mix дојде сосема природно, бидејќи сакав преку музиката да ја пренесам енергијата, атмосферата и духот на островот.
Посебно ме радува што по објавувањето на сетот веќе добив неколку понуди и сум во преговори за нови настапи и соработки на Ибица, па искрено се надевам дека наскоро ќе имам можност да настапувам повторно таму.

Иако на прв поглед изгледа необично да пушташ музика без публика пред себе, за мене тоа беше навистина интересно и посебно искуство.
Во тие моменти целосно се препуштам на музиката и се однесувам исто како да настапувам пред илјадници луѓе.
Не глумам ниту се форсирам, едноставно уживам во секој момент, затоа што музиката кај мене секогаш ги буди истите емоции.
Секако дека енергијата од публиката е нешто што не може да се замени и таа секогаш ми дава дополнителен мотив, но при снимањето диџеј сетови инспирацијата ја црпам од самата локација, атмосферата и музиката.
Верувам дека токму искрената енергија и љубовта кон музиката се чувствуваат и преку камерата, а тоа е најважно за секој што ќе го погледне и слушне сетот“.

Слушнете го целиот Ibiza Mix на DJ Babura Junior:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело