Оригиналната Birkin чанта е продадена за 8 милиони евра – Која е актерката Џејн Биркин за којашто била направена?
Во 1971-ва, парот доби ќерка – актерката Шарлот Генсбур – а се разделија во раните 1980-ти.
Сепак, раскинувањето не значеше крај и за нивната професионална врска и тие соработуваа многу години по разделбата.
Во 1982 година, Џејн го роди третото дете со режисерот Жак Доилон, со кого беше во врска околу 13 години.
Низ годините, Џејн успеа да изгради завидна филмска кариера, но се претвори и во модна икона. И покрај тоа што е Британка, за неа велеа дека е олицетворение на француските мода и стил.
Истовремено, Џејн влезе во музичката индустрија, а работеше и како модел.
Па, до нејзината смрт во 2023-та, се имаше појавено во над 65 филмови и имаше издадено над 20 музички албуми.
Џејн беше инспирација за многу девојки и жени бидејќи беше и активистка која беше гласна за женските права.
Дури и една година пред смртта, во 2022-ра, таа одеше на протести за да се бори против женската опресија.
Сепак, светот најмногу ќе ја помни Џејн по легендарната чанта зад која се крие навистина интересна приказна и може да се каже дека настанала сосема случајно.
Во 1981 година, за време на лет со Air France, рачниот багаж на Џејн Биркин бил всушност сламена чанта. Кога пробувала да ја смести во преградата над седиштата, чантата ѝ се скинала.
По некоја случајност, во авионот до неа седел Жан Луи Дума, тогашниот креативен директор на познатата модна куќа Hermès.
Разговарајќи, и двајцата се согласиле дека на пазарот нема чанти кои изгледаат стилски, но се доволно големи да ги соберат сите потребни работи, особено за жени со деца – како самата Џејн.
Инспириран од разговорот, дизајнерот решил да направи ваква чанта специјално за Џејн. Па, во 1985 година ѝ го покажал и ѝ го подарил моделот кој го нарекол Birkin.
Токму оваа чанта беше продадена на аукција неделава.
Оригиналната чанта на Џејн малку се разликувала од моделите кои подоцна се појавиле на пазарот. Има мала разлика во големината и некои детали, а на неа се изгравирани и иницијалите на Џејн.
Низ годините, модната куќа Hermès ѝ подарила уште четири Birkin чанти на Џејн, но таа најмногу си го сакала оригиналниот модел.
Џејн ја носела чантата речиси секојдневно, од 1985 до 1994 година, и станала како дел од неа.
Притоа, редовно ја украсувала со налепници од организации како УНИЦЕФ, си закачувала приврзоци и што уште не.
Чантата на Џејн стана феномен од поп културата, па пред нејзината смрт, актерката направи и мрачна шега на своја сметка, изјавувајќи дека на нејзината надгробна плоча, сигурно ќе биде спомната и чантата.
Спирова С. | Црнобело