„20 години пробував да добијам дете, а ме нарекуваа себична“: Џенифер Анистон за битката со неплодност
- Детали
- четврток, 09 октомври 2025
„Никој не знаеше низ што минував изминатите 20 години додека се обидував да создадам семејство… Слушав приказни дека сум себична, дека сум воркахолик. Сето ова имаше влијание врз мене“, сподели Џенифер Анистон во ретко интервју каде зборува за приватниот живот.

Џенифер Анистон е во групата актерки кои избегнуваат да диксутираат за приватниот живот и во интервјуата главно се фокусира на нејзината кариера.
Но, сега, во интервју за Harper’s Bazaar, 56-годишната актерка зборуваше и за поинтимни детали, вклучувајќи го и прашањето што ја прогонува целиот живот – зошто нема деца?
Повеќе од две децении актерката се соочувала со ова прашање, а дел од јавноста си даваше слобода да ја нарекува „себичен воркахолик“ бидејќи работата ѝ била поважна од семејството.
Се шпекулираше и дека Бред Пит ја оставил бидејќи не сакала да има деца.
Во реалноста, актерката безуспешно се обидувала да стане мајка, а отишла и на неколку третмани со асистирано оплодување кои не вродиле со резултат.
Џенифер избегнуваше да ја коментира оваа тема и првпат ја спомна својата битка во 2016-та. Тогаш, во емотивен есеј, само кажа дека јавноста е бесчувствителна кога коментира детали од нечија приватност, без да знае што точно се случува.
Во новото интервју за Harper’s Bazaar, Џенифер повторно зборува на оваа тема:
„Не ја знаеја мојата приказна или низ што минував изминатите 20 години додека се обидував да создадам семејство, бидејќи не ги споделував моите медицински проблеми. Никој не треба да се интересира за тоа.
Но, доаѓа момент кога повеќе не можете да слушате за тоа – приказните за тоа како не сакам бебе, не сакам семејство бидејќи сум себична, бидејќи сум воркахолик.
Сето ова има влијание врз мене – и јас сум само човек. Сите ние сме луѓе“.
Актерката вели дека решила да се огласи за проблемот бидејќи многу жени минуваат низ истото.
„Тогаш познавав многу жени кои пробуваа да добијат дете, кои одеа на ин витро третмани. Па, сметав дека мојата изјава не беше само за мене, туку за секоја жена која страда од истиот проблем“.
Сепак, актерката додава дека сега не чувствува потреба да се огласува на шпекулациите.
„Секако, има периоди кога чувствувам желба за правда – кога нешто лажно е кажано и треба да го исправам.
Но, тогаш само ќе си помислам ’Зарем навистина треба да зборувам? Моето семејство ја знае мојата вистина. Моите пријатели ја знаат мојата вистина‘“.
Претходно, во 2022-ра, актерката сподели дека посакува да замрзнела јајцеклетки.
„Во доцните 30-ти, 40-ти поминав низ навистина тежок период. Пробував да забременам. Со години слушав шпекулации, беше навистина тешко. Се обидував со ин витро, пиев кинески чаеви, сè што можете да помислите. Пробував сè.
Многу сакам некој да ми кажеше да замрзнам јајцеклетки. Но, еве ме денес, моето време помина. Сепак, не жалам за ништо“.
Многу често се шпекулира и за љубовниот живот на актерката, без разлика што таа пробува колку-толку да го скрие.
Од 2000 до 2005 година, таа беше во брак со Бред Пит, а потоа од 2015-та до 2018-та – со Џастин Теру.
Моментално таа е во врска со Џим Куртис кој работи како „лајф коуч“ и хипнотерапевт.
Актерката ја нема потврдено врската, но летово неколкупати беа фотографирани заедно.
Прочитајте и: Џенифер Анистон на Мајорка со згоден гуру, по заедничкиот одмор во Калифорнија: Дали конечно најде љубов? (фото)
Спирова С. | Црнобело