Нели Фуртадо повторно се откажува од музиката по многуте злобни коментари за нејзиниот изглед
- Детали
- понеделник, 27 октомври 2025
Во емотивна објава на Инстаграм, Нели Фуртадо сподели дека (повторно) ќе престане да настапува. Периодов таа се соочува со злобни коментари за нејзиниот изглед, па само една година по нејзиниот камбек, реши да се повлече.

По неколкугодишна пауза, во 2024-та Нели Фуртадо издаде нов албум и повторно почна да настапува.
Но, додека некои се радуваа за камбекот на нивната омилена ѕвезда од детството и младоста, други даваа сурови коментари за изгледот на 45-годишната пејачка.
На почетокот од годината, Нели сподели фотка во бикини и гордо ги покажа облините, а во описот им порача на следбениците да се сакаат себеси, какви и да се.
Таа сподели и дека немала направено никакви корекции на лицето и телото, а го спомна и притисокот од индустријата да биде слаба и да изгледа совршено.
Оттогаш Нели добива многу комплименти за пораката што ја испраќа, но се соочува и со ужасни коментари на сметка не нејзиниот изглед.
Па, во петокот (24.10), сподели дека се повлекува од јавните настапи.
Иако Нели не ги спомнува злобните коментари, нејзините фанови се сигурни дека малтретирањето што го трпи периодов има голем удел во нејзината одлука.
Таа ги соопшти вестите со ретро фотка од неа и видео од нејзиниот последен настап.
„Пред 25 години беше издаден мојот прв албум – 'Whoa, Nelly!'. На првата фотографија имам 20 години, подготвена за мојот прв настап како професионален артист…
25 години подоцна, мојата музика допре до потполно нова генерација фанови и не можам да бидам посреќна за тоа…
Тоа што толку многу луѓе ги откриваат моите стари песни за мене е надреално и претставува радост.
Беше забавно да ја искористам оваа можност, повторно да излезам на сцена и одблиску да ја видам трајната моќ на добрата музика. Ме натера вистински да верувам во магија.
Сепак, одлучив да се повлечам од јавни настани и да се фокусирам на други креативни и лични потфати кои сметам дека се попогодни за следната фаза од мојот живот.
Бескрајно уживав во мојата кариера и уште сакам да пишувам музика. Засекогаш ќе бидам текстописец.
Благодарна сум за сите години забава и дружење.
Бескрајна благодарност до сите кои ја слушале мојата музика и присуствувале на моите концерти.
Ве сакам вас и вашите отворени срца“, пишува, меѓу другото, во описот на објавата.
Објавата е преплавена со коментари од фановите кои ѝ даваат поддршка на пејачката. Некои се емотивни и ѝ кажуваат колку им значела нејзината музика.
Повеќето се и тажни бидејќи уште еднаш ја губат нивната омилена пејачка.
И покрај многуте критики, посебно на сметка на изгледот, Нели покажа дека останува своја, иако можеби злобните коментари имале влијание врз неочекуваната одлука повторно да ја стави кариерата на пауза.
Спирова С. | Црнобело