Пејачка се онесвести на сцена, откако ослабела 10kg за еден месец: Стандардите за убавина во Јужна Кореја се брутални
- Детали
- вторник, 11 ноември 2025
Пејачката позната како Хјуна, викендов се онесвести среде концерт. Изминатиов месец, пејачката ослабела 10kg, откако онлајн ја критикувале дека била „дебела“. Претходно, таа има откриено дека се случувало да не јаде со денови, за да ја одржува тежината на 40kg.

Во ерата на социјалните мрежи, кога сме преплавени со фотографии од жени кои изгледаат совршено, се чини дека стандардите за убавина стануваат сè повеќе недостижни.
Но, додека во многу земји почнува да се слави природниот изглед, во Јужна Кореја важат други правила.
Јужнокорејските поп групи изминативе неколку години почнаа да се пробуваат низ целиот свет. А, веќе не е тајна дека ѕвездите, особено жените, мораат да изгледаат совршено.
За нив, пластичните операции се нешто очекувано, додека јавноста ги критикува и за најмали недостатоци.
Па, стандардите за убавина стануваат дури и опасни, а ова најдобро го покажува инцидент за време на концерт на популарна јужнокорејска пејачка.
Хјуна е 33-годишна јужнокорејска пејачка која викендов настапуваше на музички фестивал во Сеул.
Среде настапот, пејачката изгуби свест и падна на сцената, а танчарките панично истрчаа да ѝ помогнат.
Видеото од концертот можете да го изгледате ТУКА.
Иако на секој може да му се случи да изгуби свест, проблемот кај овој инцидент е тоа што пејачката ослабела дури 10 килограми за само еден месец, по критиките од јавноста дека се здебелила.
Пред концертот, Хјуна сподели објава на Инстаграм на која покажува дека има 49 килограми и зборува за тоа дека ѝ било тешко да ја намали тежината под 50 килограми.
Пред неколку години, Хјуна била дијагностицирана со состојба која може да предизвика нагло намалување на крвниот притисок ако е изложена на многу стрес и замор, но и ако држела многу строга диета.
Па, се шпекулира дека дијагнозата, заедно со ригорозната диета со која нагло ослабела, се причина што изгубила свест.
Настапот на Хјуна беше прекинат, а по неколку часови, таа се огласи на Инстаграм за да им се извини на фановите.
„Многу, многу ми е жал. Сакав да ви приредам одлична изведба, но мислам дека не бев професионална и искрено, не се сеќавам на ништо…
Ќе беше одлично ако сè се одвиваше како што планирав, но ќе работам понапорно.
Сакам да ви се заблагодарам што секогаш ме сакате и ме цените, уште откако бев млада, и покрај моите пропусти. Навистина сум во ред“.
Неколку денови пред концертот, друга јужнокорејска пејачка сподели дека е загрижена за Хјуна бидејќи ослабела многу брзо.
Таа зборуваше и за критиките за изгледот на Хјуна, и тоа дека самата се обвинувала бидејќи била многу „дебела“.
Како многу јужнокорејски ѕвезди, и Хјуна во текот на целата кариера се борела со килограмите.
Таа ја започна кариерата на 15-годишна возраст, со групата Wonder Girls, но поради проблеми со здравјето, извесен период се повлече, пред да продолжи како соло изведувач.
За да ги достигне нереалните стандарди за убавина и да тежи само 40 килограми, Хјуна откри дека во денот јадела само по едно парче суши и ништо друго.
„Порано преживував само со едно парче суши, додека имав натрупан распоред. Тоа ме уништи и до 26-годишна возраст, бев многу нездрава“.
Хјуна откри и дека изгладнувањето било причина за состојбата поради која ѝ се намалува крвниот притисок и губи свест.
„Јадев многу малку. Имаше периоди кога не јадев и по една недела, па ми се јави состојбата. Кога ќе ослабев нагло, губев свест. Некогаш се онесвестував и по 12 пати месечно“.
Хјуна не е единствената жена од забавната индустрија во Јужна Кореја која се соочува со слични проблеми.
Според Korea Times, дури осум од десет пејачки и танчарки воопшто немаат менструација поради рестриктивните диети. Во овој случај, удел имаат и огромниот стрес како и недостатокот од сон што е секојдневие за овие девојки.
Пејачка од групата Stayc дури и се извини бидејќи на неколку концерти изгледала како да има облини.
„Искрено, ги видов снимките и се извинувам што не ја одржував фигурата. Ќе се ставам на диета“, сподели пејачката на Инстаграм.
И, не се само диетите – веќе спомнавме, пластичните операции се нешто очекувано, а според статистиката, во Јужна Кореја, дури 25% од жените на возраст од 19 до 29 години имаат направено некаква корекција.
Меѓу најчестите корекции се операција на очните капаци и носот, но доста популарни се и процедурите за избелување на кожата.
Спирова С. | Црнобело