„Не ни даваа храна, ниту да одиме во тоалет“: Мрачната вистина зад America’s Next Top Model и креаторката Тајра Бенкс
- Детали
- четврток, 19 февруари 2026
„Не нè хранеа доволно. Работевме по 10, 14 часа дневно и кога конечно ќе ни дадеa јадење, најчесто беше нешто како чипс или голема пица. Ова беше уште една тактика за да нè манипулираат додека бевме опседнати со нашата тежина“, открива некогашна победничка на America’s Next Top Model која вели дека Тајра Бенкс ја оркестрирала целата тортура.

Во раните 2000-ти, America’s Next Top Model беше меѓу најпопуларните реални шоуа.
Шоуто на Тајра Бенкс им овозможуваше на млади девојки да станат модели и да влезат во модната индустрија.
Девојките се натпреваруваа едни со други, додека жири комисијата предводена од Тајра Бенкс неретко беше сурова со критиките на сметка на нивниот изглед.
Изминативе неколку години доста често се зборува за токсичната средина што ја создавало шоуто и нереалните стандарди за убавина што им биле наметнувани на девојките.
Почнаа да се споделуваат и коментарите на судиите, како навредите дека некои девојки биле дебели, без разлика што имаат тело како на супермодел.
Сега, пак, Нетфликс издаде и документарец насловен Reality Check: Inside America’s Next Top Model кој се фокусира на скандалозните моменти од шоуто.
Во документарецот зборува и самата Тајра која се има соочено со многу критики.
Но, две победнички на шоуто во разговор со Daily Mail велат дека она што го трпеле за време на натпреварот било далеку полошо од она што е прикажано во документарецот.
Тие сметаат дека Тајра имала голем удел во документарецот и пробувал да покаже реалност која не е толку сурова.
Двете победнички тврдат дека одбиле да зборуваат во документарецот токму поради оваа причина.
Во документарецот се спомнати неколку контроверзни моменти од шоуто.
Еден од најпотресните е од 2004 година, кога во шоуто се пријавила Шенди Суливан која тогаш имала 21 година. Тој период работела како касиерка, а имала и дечко.
Во склоп на шоуто, продуцентите им рекле на Шенди и другите натпреварувачки дека може да поминат една вечер во друштво на група машки модели.
Шенди раскажува дека почнала да разговара со еден од нив.
„Разговаравме и пиевме алкохол. Тој ден немав јадено ништо и се сеќавам како влегов во џакузито. Дотогаш веќе бев многу пијана.
Сè што се случи после тоа ми е како низ магла. Само се сеќавам дека тој беше врз мене“, раскажува Шенди која всушност спиела со моделот.
Иако било јасно дека Шенди не е во состојба да носи разумни одлуки, екипата продолжила со снимање наместо да ја заштити девојката. Следното утро има и снимка на која се гледа како Шенди плаче и вели дека сака да умре.
Како ова не било доволно, продуцентите не ѝ дозволувале на Шенди да му се јави на дечко ѝ, па таа им се заканила дека ќе си замине.
Тие попуштиле, но под услов разговорот да биде снимен и емитуван.