Се бореа со пороци, поднесоа барање на развод, па прославија 50 години брак - Бурната љубов на Алис Купер и Шерил
- Детали
- понеделник, 13 април 2026
Нивната љубовна приказна почнала во 1975 година кога Шерил, тогашна балерина, се пријавила на аудиција како танчарка за турнејата на Купер и веднаш се вљубиле. Но, во 50 години брак имале и бројни падови.

Легендарниот рокер Алис Купер и неговата сопруга Шерил Купер неодамна прославија 50 години брак, бројка која е неверојатна во светот на богатите и славните.
Тие ги обновија своите брачни завети пред 200 гости во луксузна вила во Феникс, а церемонијата за обновување на заветите, исто како и свадбата во 1976 година, ја водел таткото на Шерил, Вилијам.

Меѓу гостите, пак, биле дури четири генерации од семејството: нивните родители, децата и внуците.
Нивната љубовна приказна почнала во 1975 година кога Шерил, тогашна балерина, се пријавила на аудиција како танчарка за турнејата „Добредојдовте во мојот кошмар“.

Меѓу нив веднаш се појавила хемија, набрзо почнале врска и една година подоцна, во 1976-та, се венчале во Акапулко.
Иако од страна изгледало како парот да живее во бајка, почетокот на бракот не им бил воопшто лесен.

Најголем предизвик била борбата на Алис со алкохолот. Но, поради љубовта кон Шерил се пријавил во клиника за одвикнување од алкохол во Њујорк.
Ова се покажало како многу добар потег во однос на кариерата - односно, таму ја добил инспирацијата за албумот From the Inside.

И покрај тоа, проблемите не исчезнале, па по 7 години брак, во 1983-та, Шерил поднела барање за развод.
Но, тие ги надминале проблемите, се смириле, а Алис оттогаш е трезен.

Денес парот има три деца и бројни внуци.
Нивната ќерка Калико Купер е успешна танчарка и актерка, Сонора Купер се занимава со специјални ефекти и танц, а синот Дашиел Купер го следи музичкиот пат на својот татко.

А. Ј. | Црнобело