(Непријатни) моменти што ја одбележаа Мет гала 2026 + најсмешните твитови за настанот
- Детали
- вторник, 05 мај 2026
Мерил Стрип, Зендеја, Бела Хадид и низа славни личности го бојкотира настанот бидејќи Џеф Безос и Лорен Санчез беа меѓу главните организатори – привилегија што си ја „купиле“ за 10 милиони долари. Пред музејот имаше демонстранти кои протестираа против милијардерот. Како помина Мет гала 2026?

Вчера (04.05) во музејот Метрополитен во Њујорк се одржа традиционалната Мет гала која ги собра најпознатите и највлијателните луѓе од светот на шоубизнисот.
Со настанот се одбележа и отворањето на пролетната изложба на одделот за мода на музејот која годинава е насловена „костимографска уметност“ и е со фокус на креации кои се како уметнички дела.
„Годинашната изложба ја става модата на истиот пиедестал како уметноста.
Во склад со темата, дрес кодот за вечерта, ’Модата е уметност‘, ги замолува присутните самите да бидат како празно платно“, пишува на официјалниот веб-сајт на магазинот Vogue.
Односно, задачата на ѕвездите беше да се појават во креации кои се како уметнички дела.
„Иако дрес кодот ѝ остава многу простор на имагинацијата, одделот за изложби нуди и некаков водич. Многумина може да ја прифатат класичната претстава на човечкото тело инспирирана од хеленистичката облека, додека други би можеле да го истражуваат атомското тело.
Може да се претпостави дека со оглед на актуелната културна фасцинација со ’голото облекување‘, многу гости креативно ќе му оддадат почит на голото тело“, пишува на веб-сајтот.
Мет галата не е настан како Оскари или Греми и нема програма која може да се следи. Галата е само собир на познатите кои по позирањето на добропознатите скали од музејот, одат на коктел и вечера.
Истовремено, имаат можност први да ја погледнат годинашната изложба.
Но, иако нема програма која би била забавна за нас, Мет галата сепак си има свои моменти, некогаш и непријатни.
Оваа година најзабележливо беше отсуството на некои ѕвезди, генерално во знак на протест против Џеф Безос и Лорен Санчез.
Богатиот пар е главниот спонзор на годинашната Мет гала, а со ова си „купиле“ и место во организацискиот одбор.
Се шпекулира дека за оваа привилегија платиле 10 милиони долари.
Уште пред да почне настанот, Бела Хадид и Кара Делевињ лајкнаа објава која го критикува Безос.
На крај, Бела воопшто не се појави на настанот, додека Кара сепак присуствуваше.
Настанот го бојкотираше и Зендеја која беше ѕвезда на Мет галата со години наназад.
Мерил Стрип не само што не дојде на Мет галата, туку поради Џеф Безос и Лорен се откажа од одборот на организатори.
Еден од побизарните моменти пред почетокот на настанот беа снимки и фотографии од робот кој наводно „се подготвувал“ да оди на Мет галата.
На социјалните мрежи беа споделувани фотографии и видеа од роботот пред хотелот Mark, од каде што познатите традиционално се упатуваат кон настанот.
Никој не знае која беше целта со објавите за роботот, но имаше бурни реакции дека со ова се нарушува репутацијата на Мет галата.
На крај роботот не се појави на црвениот тепих.
Повторно поради вклученоста на Џеф Безос во настанот, пред музејот имаше и група демонстранти кои протестира против милијардерот.
Во еден миг, еден од нив проба да ја прескокне оградата и да оди на црвениот тепих, но беше запрен од обезбедувањето.
На Мет галата е забрането присуство на малолетни, но за 17-годишната ќерка на Никол Кидман веројатно не важат овие правила. Па, таа присуствуваше со нејзината славна мајка.
Блејк Лајвли ги изненади сите со појавувањето бидејќи само неколку часа пред настанот, направи спогодба со Џастин Балдони, со што ќе избегне големо судење.
За целиот настан секако дека има и бројни реакции на Твитер.