Леукемија, сообраќајки: „Евровизиската клетва“ што ги следи натпреварувачите (и победниците)
- Детали
- понеделник, 18 мај 2026
Александар Рибак, кој победи на Евровизија во 2009 година со песната Fairytale, повеќе од една деценија се справувал со зависност од антидепресиви и апчиња за спиење. Пред десетина години, пак, загинаа сите 60 членови на рускиот хор кој ја забавуваше публиката за време на гласањето во 2009-та.

Викендов се одржа 70-тото издание на Евровизија, а победник беше бугарската претставничка со песната Bangaranga.
За многу артисти, победата на Евровизија значи вистински пресврт во нивната кариера.
На пример, шведската група ABBA стекна светска слава по победата во далечната 1974 година, а истото важи и за Селин Дион која ја претставуваше Швајцарија во 1988 година.
И Италијанците од Maneskin лансираа светска кариера благодарение на победата, додека Швеѓанката Лорин победи дури двапати и нејзините песни се меѓу најстримуваните евровизиски хитови.
Но, не секој кој настапувал, па дури и победил на Евровизија го следела среќа.
Напротив, животот на толку многу евровизиски претставници тргнал на лошо по настапот, што некои се уверени дека ги следи некаква „евровизиска клетва“.
Кои евровизиски претставници ги следи оваа „клетва“?
Bucks Fizz
Британската поп група Bucks Fizz победи на Евровизија во 1981 година.
Само три години по победата, членовите на групата доживеаја сообраќајка и едниот од нив, Шерил Бејкер, го скрши ’рбетот, додека другиот, Мајк Нолан, помина три дена во кома.
Поради повредите, Мајкл потоа имал епилепсија, а изгубил и 50% од неговиот вид.
Следната година оригиналниот состав на групата се растури и се менуваа многу членови.
Имаше и тужби за правата за името на групата, а веќе никогаш не го повторија истиот успех.
Александар Рибак
Александар Рибак ја претставуваше Норвешка во 2009 година и освои рекордни 387 поени со изведбата на песната Fairytale.
Се обиде да го повтори успехот во 2018 година, кога настапуваше со песната That’s How You Write a Song, но тогаш заврши на 15-тото место.
Само две години подоцна, талентираниот музичар откри дека приватно водел битка со зависност од антидепресиви и апчиња за спиење.
„Живеев со тајна. 11 години сум зависен од лекови за спиење и антидепресиви. Почна како нешто безопасно, но на крај речиси ми го уништи животот.
Овој јануари почнав да одам на рехабилитација и малку по малку повотрно се чувствувам свој. Изминативе години апчињата правеа да се чувствувам слабо и исплашено.
Имаа влијание не само врз мојот мозок, туку и врз моите мускули и стомакот. Ми ги уништија врските со луѓето, но, најважно, ми ја уништија волјата за живот“, сподели пејачот на неговиот Инстаграм профил.
Иако денес е чист, Александар не успеа да си ја врати популарноста што ја стекна благодарение на Евровизија.
Монс Зелмерлев
Монс ја претставуваше Шведска и победи во 2015 година со песната Heroes, а следната година беше и водител на настанот.
Но, во меѓувреме се соочи со низа проблеми приватно.
Откако се разведе од првата сопруга по пет години брак, таа го обвини за токсично однесување, насилство и за неверство, а ова лошо се одрази на неговата репутација.
„Предолго молчев и го штитев мојот поранешен сопруг. За да ги запрам шпекулациите, поднесов барање за развод во Англија за ова да остане приватно.
Бидејќи ова повеќе не е можно, важно е да ја раскажам мојата вистина. Моите деца отсекогаш биле и ќе бидат мојот најважен приоритет и ќе направам сè за да ги заштитам и да бидам мајката што ја заслужуваат.
Не можам да дозволам моето семејство да живее во лоша околина и да биде изложено на дрога, емоционално и физичко насилство и бескрајно неверство“, сподели неговата бивша сопруга.
Адвокатот на пејачот ја обвини неговата бивша сопруга дека изнесува многу сериозни обвиненија кои не се воопшто точни.
Сепак, репутацијата на пејачот беше уништена и целата ситуација негативно се одрази и врз неговата кариера.