„На 8 години ме тераа да пеам по барови пред пијани мажи“: Тешкиот пат до славата на Шанаја Твејн
- Детали
- среда, 24 јуни 2026
„Искрено, мајка ми е личноста што ме натера да се качам на сцена“, открива пејачката Шанаја Твејн. Штом нејзината мајка открила дека има талент за пеење, сфатила дека може да ја користи за да заработи пари бидејќи тој период живееле во екстремна сиромаштија.

Благодарение на „заразните“ песни како That Don’t Impress Me Much, Шанаја Твејн стана една од најпознатите кантри и поп пејачки.
Со над 100 милиони продадени албуми, Шанаја се вбројува меѓу најпродаваните артисти на сите времиња, но e и најпродаваната кантри артистка во историјата.
Но, патот до славата на 60-годишанта Канаѓанка бил сè освен лесен.
Зад гламурот што го гледаме денес се крие минатото на пејачката исполнето со насилство, сиромаштија и трагедии.
Шанаја е родена во Онтарио и има две сестри, а нејзините родители се развеле кога имала две години.
Потоа мајка ѝ се премажила, а нејзиниот втор сопруг, Џери Твејн, ги посвоил пејачката и нејзините сестри.
Сиромаштијата ги одбележала детските години на Шанаја – како што има откриено самата, со сестрите честопати оделе на училиште гладни.
Но, кога мајка ѝ Шерон сфатила дека има талент за пеење, помислила дека може да ја искористи за да заработат нешто.
„Искрено, мајка ми е личноста што ме натера да се качам на сцена. Јас не сакав да бидам во центарот на вниманието. Се плашев од тоа“, сподели пејачката во неодамнешно интервју.
По наредба на мајка ѝ, Шанаја почнала да пее на само осумгодишна возраст, и тоа во барови. Вели дека мајка ѝ ја будела по полноќ само за да настапува.
„Имав настапи по полноќ и сите беа пијани. Воопшто не беше забавно. Следниот ден требаше да одам на училиште, а моите родители често се расправаа.
Сето ова беше ужасна околина за дете. Но, јас бев професионалец и си ја сфатив работата мошне сериозно“.
Шанаја набрзо сфатила дека ако не заработи ништо од настап, тоа значи дека дома ќе има проблеми. Па, веројатно и затоа сериозно си ја сфаќала работата на само осумгодишна возраст.
Нејзиниот очув бил насилен кон мајка ѝ и еднаш ја претепал толку многу што изгубила свест.