Шахистите на „Алкалоид“ петти во светот, сребрен медал за Недев на втората табла

ШК Алкалоид го освои петтото место на Светското екипно првенство во шах за сениори во категоријата на играчи над 50 години, победувајќи ја третата селекција на Англија во деветтото и последно коло со моќен резултат од 3,5 : 0,5.

shasistite-na-alkaloid-petti-vo-svetot-srebren-medal-za-nedev-na-vtorata-tabla-02.jpg

На првенството учествуваа 22 екипи, при што повеќе од половината беа репрезентации на одредени земји. Тоа му дава посебна тежина на пласманот, но ако се додаде и тоа дека е изборен играјќи нерешено со најсилните две селекции (САД и Англија, кои на крајот соодветно ги освоија првото и второто место), задоволството е уште поголемо. Овој пласман е, пред сѐ, резултат на извонредното залагање и на тимската борба на сите членови на екипата: велемајсторите Кирил Георгиев, Трајко Недев, Влатко Богдановски, Звонко Станојоски, Роландо Кутиров и капитенот Драгољуб Јаќимовиќ.

ВМ Кирил Георгиев на првата табла брилираше во партијата во која неговиот противник играше словенска одбрана и од првиот потег до самиот крај безгрешно ги водеше белите фигури до победа. ВМ Трајко Недев со црни фигури ја играше острата сицилијанска одбрана и вложи голем труд за да ја преземе контролата над играта, по што дојде во добиена позиција. И ВМ Влатко Богдановски беше пред победа, имаше голема предност во самата партија играјќи каро-кан отворање, но реализацијата претставуваше проблем, па така само овој дуел заврши со поделба на поенот. На четвртата табла ВМ Звонко Станојоски се соочи со противничка која не покажа дека му е дорасната, а самиот факт дека успеа да ја матира и да поведе со 3:0 кажува дека нашиот играч беше на висина на задачата.

shasistite-na-alkaloid-petti-vo-svetot-srebren-medal-za-nedev-na-vtorata-tabla-03.jpg

Сметам дека го потврдивме реномето и не бевме попусто сметани за еден од фаворитите за висок пласман. Имавме добри резултати – пет победи, две нерешени и два минимални порази. Задоволни сме од добрата игра и од залагањето на сите играчи, се играше за секој поен, но, едноставно, недостигаше малку спортска среќа за нешто повеќе. Навистина покажавме висока класа и не потфрливме меѓу силните светски селекции. Посакувавме екипен медал, но се надевам дека ќе го освоиме во некој следен настап. Мора да кажам дека петто место во светот за еден шаховски клуб е резултат за почит, особено што зад нас се селекции од земји како што се Канада, Полска и Словачка. Искрено, сметам дека во иднина повторно ќе имаме шанса да играме за висок пласман и да донесеме трофеј што ќе ги израдува шаховските вљубеници во земјава, но и самата држава и компанијата која стои зад нас и која ни ја дава потребната поддршка – изјави капитенот на ШК Алкалоид, ВМ Драган Јаќимовиќ.

На крајот беа доделени и медали за најуспешните играчи по табли, при што ВМ Трајко Недев го освои сребрениот медал на втората табла, зад Кајданов од САД, а пред Годена од Италија. ВМ Кирил Георгиев и ВМ Звонко Станојовски беа четвртопласирани во конкуренцијата на првата и на четвртата табла, односно малку недостигаше за да стигнат до бронза.

shasistite-na-alkaloid-petti-vo-svetot-srebren-medal-za-nedev-na-vtorata-tabla-01.jpg

Задоволен сум од играта и сметам дека покажавме квалитет. Испративме порака до помладите дека во Македонија може успешно да се игра шах, дека со работа и со желба може да се постигне многу. Би сакал ова да биде поттик за нив да продолжат да го изучуваат шахот и да стигнат до посакуваните цели. Ние како екипа се обидовме да стигнеме до медал, а поединечните успеси не ни беа во фокусот, но, сепак, задоволство ми е кога гледам дека и противниците со кои сум играл освоиле медали (Елвест, Година, Петерсон), што значи дека и тие биле во добра форма, па на тој начин овој медал ми носи сатисфакција дека не е освоен случајно – изјави ВМ Трајко Недев.

shasistite-na-alkaloid-petti-vo-svetot-srebren-medal-za-nedev-na-vtorata-tabla-04.jpg

Од другите македонски екипи добар резултат постигнаа ветераните кои играа во категоријата на играчи над 65 години и кои на крајот беа на делба од 11. до 13. место (според тај-брејк, дванаесетти), иако според почетниот рејтинг беа на 18. место.

Фото: Архива на ШК Алкалоид

Би можело да ве интересира:

Ламин Јамал не сакаше да потпише договор за Барса без баба му - Која е приказната зад нивната силна ... Наместо со менаџери и „важни фаци“, Јамал на церемонијата дојде со семејството, ...
Ѝ се скина оделото, освои злато на Олимпијада, дечко ѝ рони солзи – Која е најзгодната лизгачка, „ле... За време на квалификациите во декември, среде лизгање ѝ пукна оделото кај задник...
Никола Јокиќ изненаден - НБА ѕвезда носи јакна со вез како Св. Ѓорѓи ја убива ламјата, чини 20.000 д... Еден од највпечатливите моменти од кошаркарскиот All Star викенд, беше влегување...
Дејвид Бекам ја „извиси“ Викторија при гушкање за голот на Англија - таа вештачки глуми и го гали до... По голот на Англија, Дејвид и Викторија се прегрнаа, а потоа тој се оттргнаа од ...
ШК Алкалоид по третпат до европската вицешампионска титула! Во последното седмо коло од Европскиот клупски куп, кој се играше на грчкиот ост...
Родена е без три прста на едната рака, освои олимписко сребро - Како Флоренс Брунел стана херој на И... „Секогаш ја кријам левата рака. А не треба“ - вели 22-годишната канадска лизгачк...

Најчитани неделава