Убиство, модерно ропство: Скандали што го одбележаа Светското фудбалско првенство низ годините
- Детали
- недела, 21 јуни 2026
На почетокот од јуни, фудбалски судија од Сомалија бил задржан на аеродром во Мајами и по 11-часовно испрашување го натерале да се врати дома. Впрочем, годинава многу учесници во Светско имаат проблеми со визи и влез во САД, поради што домаќинот се соочува со остри критики.

Светското фудбалско првенство е меѓу најголемите спортски настани во светот.
Трае околу еден месец, во периодот јуни-јули, а се одржува еднаш на четири години.
Но, покрај натпреварите, доста внимание привлекуваат и многуте скандали кои секоја година се неизбежни.
Дел од најпознатите:
Убиството на Андрес Ескобар
Во 1994 година, Светското фудбалско првенство се одржуваше во САД, а настанот остана запомнет по убиството на колумбискиот фудбалер Андрес Ескобар.
На 22-ри јуни, Андрес, како дел од тимот на Колумбија, играше во натпреварот против Англија.
Иако беше почитуван како добар играч, додека се обидуваше да спречи гол од противничкиот тим, ја шутна топката кон голот на Колумбија.
На крај Колумбија изгуби, а резултатот од овој меч имаше важна улога во раната елиминација на земјата од првенството.
По крајот на Светско, Андрес бил советуван да не се враќа во Колумбија поради грешката што ја направи, но сепак решил да отиде во Меделин.
Само неколку денови подоцна, на први јули, Андрес бил излезен со неколку пријатели, кога го затекнале група вооружени мажи и го застрелале дури шестпати
Фудбалерот им подлегна на повредите и почина на само 27-годишна возраст.
По погребот, на кој присуствуваа над 100.000 луѓе, телохранител кој имал конекции со наркокартели во Колумбија го признал убиството и беше приведен.
Сепак, многу прашања во врска со неговото убиство не беа одговорени, а целиот инцидент во фокус ја стави опасната врска помеѓу фудбалот, коцкањето и организираниот криминал во Колумбија.
Голем дел од јавноста верува дека Андрес бил убиен бидејќи го сметале одговорен за загубата на Колумбија, а за многу криминалци, ова значело и огромна загуба на пари.
Контроверзии за првенството во Катар
Во 2010-та се одлучуваше каде ќе се одржува Светското фудбалско првенство во 2018 и 2022 година.
Русија беше избрана за настанот во 2018-та, но на големо изненадување на сите, за 2022-ра година беше избрана Катар.
Она што беше чудно е тоа што Катар не е земја со некоја фудбалска традиција, нема искуство со огромни настани од овој калибар, а притоа и температурите во лето се екстремно високи.
Па, веднаш штом беше прогласен домаќинот за 2022-ра, почна да се шпекулира за корупција.
Во наредните неколку години, новинари и правни лица открија докази за корупција кај луѓето кои се на врвот на ФИФА.
Според обвинители од САД, некои од нив добивале милиони долари поткуп за да гласаат за Катар, но и за други важни одлуки поврзани со првенството.
Во целата драма, надлежните од Катар негираа каква било вмешаност во корупција.
Но, одлуката Катар да биде домаќин веќе не можеше да се повлече бидејќи земјата имаше инвестирано 200 милијарди долари во инфраструктура, стадиони, системи за транспорт и урбан развој за настанот.
Поради екстремните температури во Катар, кои на лето достигнуваат и 50 степени Целзиусови, на крај првенството беше преместено за ноември и декември 2022, а не јуни и јули.
Па, сите земји учеснички мораа да прават огромни промени во распоредите, што сигурно не било лесно.