Активен е на Твитер, игра тенис, бил штитеник на папата Франциск - Што знаеме за новиот папа Лав XIV?
- Детали
- петок, 09 мај 2025
Новиот папа за себе вели дека е „прилично добар тенисер-аматер“ и изгледа помлад од своите 69 години. Некои одат дотаму што велат и дека е многу симпатичен маж, според стандардите за еден папа. Што знаеме за Лaв XIV, првиот Американец избран за папа?
Роберт Френсис Превост (69) синоќа беше избран за 267-иот папа, а името под кое отсега ќе го ословуваат во целиот свет е Лaв XIV.
Тој е првиот Американец кој бил избран за папа, иако многумина го сметаат за кардинал на Латинска Америка, поради тоа што голем дел од својот живот го помина на мисионерска работа во Перу.
Неговиот избор за папа го најави белиот чад над Ватикан, а тој потоа се појави на балконот на базиликата Св. Петар, каде што беше претставен пред светот.
Уште пред да излезе на терасата, илјадници верници стоеја пред базиликата во исчекување и скандираа Viva il Papa (Да живее папата).
Што знаеме за новиот поглавар на римокатоличката црква?
Роден е во Чикаго во 1955 година, а неговите родители биле од шпанско и француско-италијанско потекло.
Од дете бил поврзан со црквата и бил олтарско момче.
Во 1975 година донел голема одлука - иако бил примен на Харвард, ги напуштил студиите и избрал целосно да се посвети на религијата.
Во 1982 година бил хиротонисан, а три години подоцна се преселил во Перу за да им помага на сиромашните.
Но, редовно се враќал во САД за да служи како свештеник и игумен во неговиот роден град.
Во Перу, пак, 10 години служел и како парохиски свештеник, но бил и како учител во областа Трухиљо во северозападниот дел на земјата.
Американецот, исто како и неговиот претходник, папата Франциск, има прогресивни ставови.
Токму затоа, неговиот избор беше изненадување за многумина, бидејќи се веруваше дека по 12-годишното „владеење“ на Франциск, кардиналите овој пат ќе бараат кандидат кој е поумерен, со поконзервативни ставови, кој, на пример, би се фокусирал на социјална правда, а не на правата на ЛГБТ заедницата.
Но, новиот папа беше штитеник на претходниот папа Франциск, кој во 2015 година го наименува за епископ на Чиклајо, град во Перу.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





