Ѝ го украле пасошот, цел месец живеела на улица: Трауматично искуство на Британка која отишла на духовно патување во Перу
- Детали
- четврток, 29 мај 2025
32-годишна Британка отишла на духовно патување во Перу, но се соочила со вистинска траума откако група локалци ѝ ги украле сите предмети, вклучувајќи го и пасошот. Исплашена од нападот, таа почнала да бега дури и од полицајци, па цел месец поминала живеејќи како бездомничка на улиците во Куско.
Хана Алмонд од Англија отишла во Перу на духовно патување, а откако исчезнала, нејзиното семејство стравувало дека станала жртва на трговија со луѓе.
Но, Хана живеела како бездомник во Перу бидејќи била ограбена и останала без пари, без телефон, како и без пасош.
На почетокот од март годинава, Хана пристигнала во Перу и планирала да оди во јога центар на вид духовно патување. Пред околу еден месец, неколку локалци ја нападнале, ѝ ги одзеле сите предмети што ги носела со себе и наводно ги запалиле.
По грабежот, Хана живеела на улиците во Куско, а грабежот ѝ предизвикал сериозна траума, па кога ѝ била понудена помош, ја одбивала, од страв дека повторно ќе ја нападнат.
Таа и претходно имала проблеми со менталното здравје, па нејзиното семејство смета дека сега ѝ се имаат влошено поради трауматичното искуство.
На Хана ѝ пришле и вработени од британската амбасада, но не им верувала и ја одбивала нивната помош стравувајќи за својата безбедност.
Надлежните знаеле каде е Хана, но бидејќи не можеле никако да ѝ пријдат, го контактирале семејството кое почнало да се подготвува да отиде во Перу.
Но, пред два-три дена, на Хана ѝ се изгубила секаква трага.
„Хана е многу дарежлива и секогаш сака да им помага на другите. Но, не му верува на никој откако ја нападнаа и ограбија. Некои локалци ѝ ги запалија сите работи што ги носеше со себе.
Пред два дена, од полицијата отидоа да ја проверат, но таа не беше под мостот каде што обично седела. Во Куско има многу жртви на трговија со луѓе, па сериозно сме загрижени“, изјави член на нејзиното семејство за Daily Mail пред девојката да биде најдена.
Откако полицијата не можела да ја лоцира, исчезнувањето на Хана било споделено и во локалните медиуми.
За Daily Mail се огласи и работник од британската амбасада во Перу, кој додаде дека сега Хана се соочува и со друг проблем – нејзината туристичка виза е истечена.
Тој вели и дека пробале да ѝ понудат помош, како пари и престој во хотел, но Хана како да бегала од нив.
„Сега Хана е во нелегална ситуација, туристичката виза веќе ѝ е истечена. Некогаш ѝ плаќавме хотелска соба, ѝ дававме пари за храна. Но, секогаш се враќаше на улица“.
Кога семејството дознало за состојбата на Хана, отвори и страница за донации за GoFundMe за да можат да ѝ помогнат да се врати дома.
Таму е наведено дека Хана веќе имала проблеми со менталното здравје, кои се влошиле по нападот.
„Хана отиде во Перу во март надевајќи се на авантура, но наместо тоа се најде во застрашувачка ситуација. Беше ограбена и нападната, ги изгуби пасошот, тефлонот и сите пари. Оттогаш, менталното здравје на Хана – со кое долго има проблем – значително се влоши.
Сега е во криза со менталното здравје, живее под мост со бездомник со кого се спријателила – единствената личност на којашто ѝ верува.
И покрај обидите да ѝ се помогне преку надлежните служби, Хана е многу исплашена и не може да прифати помош од амбасадата или локалните власти. Ранлива е, изолирана и не е безбедно да живее на улиците на Перу“.
Во објавата семејството додава дека им требаат пари за да покријат авионски лет за некој од нив, сместување, но и медицинска или психичка помош која можеби ќе биде неопходна пред Хана да може да патува.
Откако приказната на Хан беше споделена и на Daily Mail, маж кој ја запознал во Лима, Перу помислил дека може да помогне, па од главниот град, веднаш се упатил кон Куско.
Тој помогнал да ја лоцира, таа го препознала и му поверувала дека сака да ѝ помогне, па сега останува Хана да се врати дома.
„Многу ни олесна што ја најдоа. Се плашевме дека станала жртва на трговија со луѓе и дека никогаш нема да ја видиме. По приказната што ја објави Daily Mail, дечкото што ја запознал во главниот град на Перу веднаш отишол во Куско и почнал да ја бара по улиците.
Ја нашол заспана на улицата, па веднаш потоа нејзина пријателка од Англија отиде во Перу за да ѝ помогне. Очекуваме да се врти дома во наредните неколку денови“.
Не е познато со какви ментални проблеми се соочувала Хана пред трауматичното искуство, но нејзините блиски велат дека сега можеби е во состојба на хистерија. Сепак, се надеваат дека ќе можат да ѝ помогнат.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





